Масовните антивладини протести во Иран влегоа во третата недела, а според американската Организација за човекови права, досега загинаа најмалку 572 лица.
Властите речиси целосно ги прекинаа интернет и телефонските врски, додека САД разгледуваат воени опции, а Техеран вели дека е подготвен и за војна и за дијалог.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во интервју за Ал Џезира Арабик, изјави дека Техеран е подготвен да седне на преговарачка маса со Соединетите Американски Држави кога станува збор за нуклеарната програма, но само ако разговорите се водат без притисок, закани и ултиматуми.
„Не веруваме дека Вашингтон во моментов е подготвен за фер и праведни преговори, но кога тоа ќе се случи, сериозно ќе ја разгледаме оваа можност“, рече Арагчи.
Тој ги повтори тврдењата на властите дека „обучени терористички елементи“ се инфилтрирале во демонстрантите и ги нападнале и безбедносните сили и самите учесници во протестот.
Реза Пахлави, син на последниот шах на Иран и престолонаследник во егзил, го повика американскиот претседател Доналд Трамп „веднаш да дејствува“ во врска со ситуацијата во Иран.
Пахлави рече дека Трамп може да „донесе најголем мир што светот некогаш го видел“ со тоа што ќе им помогне на Иранците да го соборат она што го нарече криминален режим.
„Режимот е слаб и на колена. Народот е подготвен да го собори. Не им требаат странски сили на терен, туку решителна акција на лидерот на слободниот свет“, рече Пахлави.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним објави, повикувајќи се на Министерството за разузнавање, дека се уапсени десет лица обвинети од властите за насилство и убиства во Техеран.
Според министерството, осомничените се одговорни за убиството на двајца членови на паравоената формација Басиџ, како и за палењето џамии, банки и приватен имот на граѓани.
Иранските власти тврдат дека „терористите поддржани од странски актери“ се одговорни за голем дел од насилството за време на протестите, вклучително и смртта на повеќе од 100 членови на безбедносните сили.
