Бразилскиот фудбалер Игор Тијаго испиша нови страници во историјата на Премиерлигата. Напаѓачот на Брентфорд стана најефикасниот Бразилец во една сезона во англиското првенство, надминувајќи ги Роберто Фирмино, Габриел Мартинели и Матеус Куња.
Со своите најнови голови, Тијаго достигна бројка од 16 гола во сезоната 2025/26, а неговиот неверојатен подем изненади многумина, па дури и неговиот тренер, Кит Ендрус, пишува Goal.com.
Тијаго пристигна во Брентфорд како рекордно засилување за клубот за 35 милиони евра откако потпиша за сезоната 2023/24. Постигна 29 гола за белгискиот Клуб Бриж. Сепак, неговиот почеток во Англија беше далеку од идеален. Неговата дебитантска сезона беше обележана со повреди, а сомнежите за неговиот квалитет само растеа.
Поради проблем со менискусот што го претрпе во претсезоната, тој го немаше своето деби за „Пчелите“ сè до ноември 2024 година. Новите проблеми со коленото го ограничија на само осум настапи во Премиер лигата во текот на неговата прва сезона, во кои не успеа да постигне гол. И покрај ова, беше јасно дека има физичка сила да им создаде проблеми на противничките одбранбени фубалери.
Целиот негов потенцијал дојде до израз оваа сезона. Тијаго го постигна својот прв гол во првото коло и оттогаш не застана. Својот прв хет-трик во Премиер лигата го постигна на 4 јануари во победата од 4:1 против Евертон, а само три дена подоцна додаде два гола во импресивната победа од 3:0 над Сандерленд.
Со тие два гола, тој стигна до бројката од 16 гола, што постави нов рекорд за бразилските фудбалери во англиската прва лига.
Претходниот рекорд од 15 гола го држеа легендата на Ливерпул, Роберто Фирмино (сезона 2017/18), Габриел Мартинели од Арсенал (2022/23) и Матеус Куња, кој го постигна истиот подвиг минатата сезона за Вулверхемптон.
Летвичката сега е подигната, а пред Тијаго на листата на стрелци оваа сезона е само незапирливиот Ерлинг Халанд од Манчестер Сити со 20 гола.
Одличните настапи на 24-годишникот би можеле да му донесат покана во бразилската репрезентација за Светското првенство, со оглед на тоа што тренерот Карло Анчелоти внимателно ги „кова“ своите планови.
Приказната на Тијаго започна далеку од сјајот на англискиот фудбал. Тој порасна во Гама, во близина на Бразилија, и животот не го разгалуваше. Неговиот татко почина кога имаше само 13 години, оставајќи го да ѝ помага на мајка си Марија, која работеше како собирач на ѓубре.
За да го издржува семејството, Тијаго работеше на разни работни места, од носење намирници во супермаркет до работа како ѕидар, цело време негувајќи го својот сон за професионален фудбал.
„Тоа ми помогна како човек и како личност. Ми помогна да ги ценам малите и големите работи во животот“, вели тој.
Тој го започна своето фудбалско патување во локалниот клуб Вере ФК, пред да потпише за познатиот Крузеиро, каде што дебитираше на 18-годишна возраст.
Иако четири гола на 43 настапи во втората лига на Бразил не привлекоа многу внимание, неговиот потенцијал беше очигледен. Во 2022 година, тој се пресели во Европа и потпиша за бугарски Лудогорец.
Иако првично играше за резервниот тим во втората бугарска лига, неговиот талент брзо процвета – со 21 гол и 11 асистенции, тој му помогна на клубот да освои две последователни титули во лигата.
Неговите настапи го привлекоа вниманието на Клуб Бриж, кој го донесе во летото 2023 година за 8 милиони евра. Во неговата единствена сезона во Белгија, тој постигна 18 лигашки голови, доволно за да го убеди Брентфорд да го направи рекордно засилување во јули 2024 година.
