Орбан: Во Брисел само го забавивме темпото со кое Европа се движи кон војна

Од:

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во своето божиќно интервју за весникот „Маџар Немзет“ изрази загриженост дека 2025 година би можела да биде последната година на мир за Европа. Тој истакна дека Европа веќе 80 години живее во мир, период кој е редок во нејзината историја, имајќи предвид дека последниот голем европски конфликт завршил во 1945 година.

Орбан се осврна и на последниот Самит на Европската Унија во Брисел, укажувајќи дека Унијата се приближува кон воена состојба.

„Минатата недела во Брисел успеавме само да го забавиме темпото со кое Европа се движи кон војна. Некои сакаа да го забрзаат овој процес до хипербрзина, а ние успеавме да го блокираме тоа. Но, ние не го запревме самиот процес, само го спречивме неговото забрзување“, наведе Орбан.

Според него, Европа е повторно поделена на два табора: „воениот табор и мировниот табор“. Тој смета дека во моментов преовладуваат силите кои се залагаат за војна, нагласувајќи дека „Брисел сака војна. Унгарија сака мир“.

Орбан смета дека вклучувањето на Европа во конфликтот во Украина не било неизбежно.

„Во февруари 2022 година, Европа можеше да испрати мировна мисија во Москва и Киев, а не да го прогласи овој конфликт за своја војна. Да се случеше тоа, денес немаше да живееме во сенка на војна“, посочи унгарскиот премиер.

Тој повторно ја критикуваше динамиката на одлучување во Европската Унија. „ЕУ денес е во состојба на распаѓање. Сведоци сме на процес на распаѓање што се одвива паралелно со зајакнувањето на империјалните амбиции на бриселската бирократија“, истакна Орбан. Како пример ја наведе зелената транзиција, која според него, била наметната против волјата на земјите-членки и сериозно ја оштетила европската индустрија, особено хемиската и автомобилската. Тој додаде дека слично се случува и со мигрантската политика.

Орбан предупреди дека без суштински промени и темелни реформи, ќе следи неповратен процес на распаѓање. Тој потврди дека Унгарија е против членството на Украина во ЕУ.

„Денес се говори дека воената сила на Украина ја зголемува безбедноста на Европа, но тоа не е вистина. Одржувањето на Украина ги исцрпува енергијата и ресурсите на Европа. Со Украина, ние стануваме послаби секој ден“, потенцира Орбан.

Тој додаде дека унгарската економија, исто така, страда поради војната и слабоста на ЕУ. Според него, политиката на санкции на ЕУ ја „уби“ европската индустрија.

Би можело да ве интересира

Орбан: САД сакаат мир, Европа сака војна

Орбан: Брисел се подготвува за војна до 2030 година

А1он

ВИДЕО: Како Трамп и помага на европската десница

Конгрес на децата на Орбан, реагира СДСМ по настанот за реизбор на Мицкоски

Орбан: ЕУ се дави во корупција

А1он

Орбан ја гледа повоена Украина како „тампон држава“

Катерина Ѓуровски