Во Спомен-домот АСНОМ во Делчево синоќа се одржа културно-уметничкиот настан „Културна кауза“, во организација на „Fin Project“, со кој започнува серија концерти посветени на промоцијата на современата македонска уметност и нејзино поврзување со младите генерации.
Настанот донесе спој на музика, поезија и мултимедијални содржини, инспирирани од делата на македонските поети Гане Тодоровски и Анте Поповски, посветени на празникот на Македонската револуционерна борба.
– Вечерва имавме настан малку поразличен од останатите. Се надевам дека присутните во Спомен-домот АСНОМ успеаја да ја препознаат културната кауза која ни ја подготвија Арна Шијак и Билјана Петровска, изјави Златко Начовски, директор на НУЦК „Н. Ј. Вапцаров“ – Делчево.
Со пијано изведбите на Билјана Петровска и музичките композиции на Никола Стојковски, публиката уживаше во внимателно избрани материјали кои ја пренесоа идејата за враќање на уметноста во градовите каде вакви културни настани беа подзаборавени.
-Среќен сум што патешествието наречено Културна кауза започнува токму од Делчево. Публиката уживаше во изведбите и поезијата посветена на големиот празник, а ваквите концерти ќе ги продолжиме и во други градови за да ја вратиме уметноста таму каде што припаѓа,“ истакна музичарот Никола Стојковски.
Во проектот учествува и уметницата Арна Шијак, која нагласи дека целта е преку нов концепт и современ пристап да се доближи уметноста до новите генерации.
-Среќни сме што се занимаваме со уметност која, фала Богу, не нè ограничува. Јас сум нова птица во јатото на Fin Project, кои веќе имаат одлична соработка со Горан Трајковски и Билјана Петровска. Сакаме да ја приближиме оваа уметност на младите, на кои можеби не им е доволно блиска, изјави Арна Шијак.
На пијаното со своите композиции настапи Билјана Петровска, која истакна дека е особено среќна што своите дела може да ги вклопи во ваков значаен концепт.
-Ова е еден нов, инспиративен концерт и ми е многу драго што моите композиции можам да ги вметнам во нешто толку значајно. Голем поздрав до делчевската публика, која секогаш не почитува,“ рече Билјана Петровска.
Со настанот „Културна кауза“, Fin Project го започна своето патешествие низ Македонија, во мисија да ја афирмира македонската култура и да ја претстави современата уметност на едноставен, инспиративен и достапен начин за сите генерации.
