Дисциплинската комисија на ФИФА го казни Хрватскиот фудбалски сојуз со 30.000 швајцарски франци и затвори дел од трибините.
Како причина го наведоа дискриминаторското однесување на навивачите на натпреварот со Црна Гора, кој се одигра на 8 септември годинава.
Хрватскиот фудбалски сојуз беше дополнително казнет со 11.500 швајцарски франци за употреба на пиротехнички средства од страна на дел од публиката.
Натпреварот се играше како дел од квалификациите за Светското првенство следната година. Дел од хрватските навивачи скандираа „Убиј го Србинот“ во неколку наврати.
Хрватска ќе мора да го игра следниот натпревар под покровителство на ФИФА, против Гибралтар во Вараждин, со најмалку 15 проценти од трибините затворени, со акцент дека трибините мора да бидат зад головите, објавија хрватските медиуми.
Во алтернативно сценарио, тие 15 проценти од седиштата можат да бидат пополнети со деца до 14 години од фудбалските школи на Вараждинскиот округ, со претходна согласност од ФИФА, што Хрватскиот фудбалски сојуз најави дека ќе го стори.
