Од Институтот за јавно здравје информираат дека се во континуирана координација со Инспекторатот за животна средина, Министерството за здравство и другите надлежни институции од државата по пожарот во Трубарево.
ИЈЗ додаваат од таму, во текот на вчерашниот ден испратиле обучен експертски тим од институтот за вонредна контрола во засегнатото подрачје.
„Земени се примероци (мостри) од вода, почва и воздух за испитување на радиоактивност, како и примероци од вода, водовод, бунари, почва за физичко хемиска анализа.
Во текот на денешниот ден, во ИЈЗ добиени се резултати од воздух и почва, од примероците за испитување на јонизирачко зрачење (радијација) и истите се во нормални референти вредности, без отстапување. Резултатите од мострите од вода за испитување на јонизирачко зрачење, согласно методата по која се испитува ќе бидат достапни во текот на утрешниот ден. Во примероците (мостри) од вода по однос на физичко хемиската анализа, нема отстапувања во вредностите по однос на тешки метали. Во земените примероци од вода постои единствено индикатор за зголемена содржина на органски материи во подземната вода кои се од друго потекло“ соопштија од ИЈЗ.