Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер (72) денес беше условно ослободен, откако отслужи две третини од затворската казна.
Одлуката за неговото ослободување ја донесе судскиот совет на Окружниот суд во Сисак, откако се согласија и затворот и обвинителството, земајќи предвид дека Санадер го почитувал куќниот ред, успешно ја спроведел програмата за издржување на казната и дека против него нема повеќе активни судски постапки. Судијата за извршување испрати решение со кое официјално се одобрува предвременото ослободување.
Санадер ќе треба да биде под контактен надзор од страна на Управата за условна казна во Загреб до 15 август 2032 година, со оглед на тоа што му остануваат седум години и 15 дена од вкупната казна од 18 години.
Санадер беше осуден во три случаи:
Фими Медиа – за проневера на пари од државни институции и компании,
Планинска – за барање и примање мито,
ИНА-МОЛ – за примање мито во замена за пренос на управувачките права на унгарската компанија МОЛ.
На крајот од 2021 година, Врховниот суд ги потврди казните во случаите Фими Медиа и ИНА-МОЛ, додека казната во случајот Планинска претходно беше зголемена на шест години затвор. Во тој случај, сведокот Стјепан Фиолиќ призна дека лично му донел на Санадер 10 милиони куни и еден милион евра провизија.
Поранешниот премиер беше во затвор од април 2019 година, кога беше испратен на отслужување на казната, а вкупно поминал речиси девет и пол години зад решетки.
Во меѓувреме, во октомври минатата година, Санадер беше ослободен со правосилна пресуда од обвиненијата за воено профитерство во аферата Хипо, што подоцна беше потврдено од Вишиот кривичен суд. Со ова заврши и последната активна постапка против него, што беше еден од клучните услови за негово ослободување од затвор.
Додека беше во затвор, според неговиот адвокат, Санадер беше задолжен за културното подигнување на затворениците, односно ја водеше затворската библиотека.