Ние не сме правници и не го разбравме обвинителниот акт што го соопшти јавниот обвинител против осомничените за трагедијата во „Пулс“, поради што бараме Основното јавно обвинителство да ни ги објасни резултатите од истражната постапка, порачаа родителите на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ на денешниот деветти „Марш на ангелите“ во Кочани.
Учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 18 часот и 5 минути, симболизирајќи го задоцнетото институционално дејствување, а оттаму се упатија кон Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани и Полициската станица. Пред Основниот суд и Јавното обвинителство упатија јавен повик за детално објаснување против кого ќе се води обвинителната постапка.
– Сметаме дека од суштинско значење е Основното јавно обвинителство во Кочани целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност, за да можеме да ги отстраниме сите дилеми коишто се јавуваат кај нас во врска со спроведената постапка. Неприфатливо е како најдиректно засегнати да добиеме информации преку медиуми или од неофицијални канали, па очекуваме транспарентност и директна комуникација со надлежните институции. Нашата болка е тешка, но нашата борба е праведна и бараме одговорност и вистина, не само заради нас, туку и заради иднината и никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија, истакна Марија Петрушова, мајка чиј син загина во „Пулс“.
Писменото барање до Обвинителството за објаснувања околу обвинителниот акт родителите ќе го поднесат в понеделник, а побараа поддршка и од Коалицијата за правично судење и од „Транспаренси Македонија“.
– Јавно ги повикувам да се вклучат во борбата за правда на мојот убиен и пеплосен ангел Моника Спасова, да бидат мониторинг, да надгледуваат и следат сѐ што се случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите. Барам помош и од Европската унија да се вклучи како дел од мониторингот во постапката, порача Верица Трифунова, мајка чија ќерка е меѓу настраданите во трагедијата во Кочани.
Родителите на починатите во „Пулс“ истакнаа дека ја продолжуваат борбата за правда и дека имаат право да знаат кои лица се обвинети, а кои не се и кои се причините за тоа. Додадоа дека се загрижени што и покрај нивните укажувања и конкретни наводи, одредени лица воопшто не биле повикани ниту на распит.