Спајиќ: Целта е Црна Гора да стане полноправна членка на ЕУ во 2028 година

Од:

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ објави дека целта на неговата влада е Црна Гора да стане полноправна членка на ЕУ до 2028 година. Синоќа, на прием по повод Денот на независноста, 21 мај, тој нагласи дека таквата амбициозна цел бара ангажман на општеството како целина, поефикасна администрација и поконструктивни политичари, објавува „Вијести“.

„Намерата е Црна Гора да ги исполни сите барања од преговарачкиот процес до крајот на следната година и да стане полноправна членка на ЕУ до 2028 година“, рече Спајиќ.

Спајиќ исто така, изјави дека приоритет е забрзување на законодавните реформи, истакнувајќи дека процесот на пристапување на Црна Гора кон ЕУ не е процес на пристапување на Владата или Парламентот, „туку заедничка обврска кон предците и потомците“.

„Сигурен сум само дека сите ние поединечно, како и системот како целина, ќе докажеме дека сме способни да одлучиме, во клучен, историски момент, без оглед на нашите разлики, за несомнениот општ интерес, јавното добро и светлата долгорочна перспектива, членство во ЕУ и подобар животен стандард за нашите граѓани“, изјави Спајиќ.

На свечениот прием по повод Денот на независноста присуствуваа највисоките црногорски функционери, претставници на законодавната, извршната и судската власт, како и дипломатскиот кор, пренесува „Вијести“.