Адвокатката Мери Младеновска врши притисок со закани за да повлечеме текст, одговорот е негативен

Од:

Адвокатката Мери Младеновска реагира по објавениот текст во кој А1он пренесува дека е поднесена кривична пријава против социјалниот работник поради тоа што се возел во автомобилот на нејзиниот клиент, Спасе Спасески. Ваквото однесување на Младеновска со закани за тужби доколку не го повлечеме текстот, го сметаме за класичен начин на вршење притисок врз медиумите и мораме да кажеме дека одговорот како и секогаш ќе биде негативен. Ја охрабруваме Мери Младеновска, доколку смета нешто за невистинито во текстот или дека е погрешно пренесено, да поднесе тужби уште денеска. Мери Младеноска ја информираме и на овој начин дека во секое време и отстапуваме простор и на неа и на нејзиниот клиент за да го кажат своето мислење, но и дека го задржуваме правото да ги пријавиме и да побараме заштита за вршење притисок врз медиум.

Во продолжение интегралниот демант од адвокатката на Спасе Спасески, Мери Младеновска:

„На ден 14.05.2025 година на Вашиот web Портал објавивте текст насловен: “Каубојска шема: Социјалниот работник Гоце Прцулоски заедно со таткото од Охрид со негово возило сакале да го одземат детето од мајката“ Содржината и деталите во вашиот текст се неточни, невистинити и предизвикуваат штета на мојот клиент-таткото и неговиот малолетен син.

Исто така, со содржината на текстот со намера и цел да извршите медиумски притисок врз судството и јавноста, сте ги повредиле честа и угледот на мојот клиент, со што се исполнети законските услови за одговорност за клевета.

Со Вашиот текст го повредивте:

-Уставот на РСМ, член 15 согласно кој на граѓанинот му се гарантира одговор во средствата за јавно информирање и членот 25 со кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот;

-Членот 224 вв членот 222 од Законот за семејството согласно кои јавноста е исклучена во брачните и семејните спорови;

-Одредбите од Законот законот за социјална заштита во кои се пропишани: начелото на приватност, начелото на почитување на интегритетот и правата на корисникот и начелото на доверливост и

– Законот за медиуми.

Со повреда на наведените одредби грубо извртувајќи ги фактите подржувате поткопување на принципот на владеење на правото дефиниран во Уставот на РСМ.

Секоја наредна објава на наведениот прилог и/или изнесување на невистинити содржини кои се користат за притисок врз судството и јавноста ќе биде повторување на наведените повреди, со што се создаваат услови за водење судски постапки против Вас.

Од овие причини Ви предлагаме да објавите јавно извинување и повлекување на содржината од вашиот web Портал„.

Адвокат Мери Младеновска-Ѓорѓиевска