Соединетите Држави и Кина ги завршија дводневните трговски преговори во Женева со позитивен исход, најавувајќи заедничка изјава што ќе биде објавена подоцна во текот на денот. Американските власти го истакнаа постигнувањето договор што ќе го намали трговскиот дефицит на САД, додека кинеските власти изјавија дека страните постигнале важен консензус и се согласиле да започнат нов форум за економски дијалог.
По завршувањето на преговорите, ниту една страна не објави никакви детали. Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг рече дека заедничката изјава ќе биде објавена денескаво Женева. Заменик министерот за трговија Ли Ченгганг рече дека тоа ќе содржи „добри вести за светот“.
На прашањето за точното време на објавувањето на заедничката изјава во понеделникот, Ли Ченганг, кинескиот меѓународен трговски преговарач и заменик министер за трговија, одговори со кинеска поговорка: „Ако храната е вкусна, времето на сервирање не е важно“.
„Без разлика кога ќе биде објавена оваа изјава, тоа ќе биде одлична и добра вест за светот“, рече Ли.
Изјавата доаѓа откако високи претставници од двете земји ги опишаа разговорите како конструктивни, со постигнат „важен консензус“ и договор за воспоставување нов механизам за економски дијалог.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир ги опишаа разговорите како „продуктивни“ и истакнаа „значаен напредок“, додавајќи дека деталите ќе бидат објавени во понеделник.
Во одделни изјави за новинарите, ниту една страна не го спомна договорот за намалување на американските царини од 145% за кинески стоки или тарифите на Кина од 125% за американските стоки.
Грир и Бесент не одговараа на новинарски прашања. Американскиот министер за финансии претходно изјави дека овие царини претставуваат трговско ембарго меѓу двете најголеми светски економии и дека тие треба да се „намалат“.
Грир го опиша заклучокот на состаноците во Женева како „договор постигнат со кинеските партнери“ што ќе помогне да се намали американскиот глобален трговски дефицит од 1,2 трилиони долари.
„Како што истакна министерот, ова беа многу конструктивни два дена“, рече Грир. „Важно е да се разбере колку брзо успеавме да постигнеме договор, што покажува дека можеби разликите не беа толку големи како што се мислеше“, додаде тој.