Коридор 8 или коридор 10 беше, пратеникот Амди Бајрам во недоумица.
„И коридорот 8 и коридорот 10 ми се веќе во глава. Добро е, фино е. И двата ќе ги изградиме. Ќе ги градиме и кредит еве ќе земеме. Оваа куалиција кога ќе се фати , се гради. Ете се фативме за Скопје 2014 го направивме“, рече Амди Бајрам и изрази задоволство што и опозицијата го изгласа Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, фаза 1 – делница Куманово-Бељаковце“.
Сепак ја потсети опозицијата дека ја почнала пругата, ама не ја завршила.
Заемот е во износ од 46,4 милиони евра и за делница од 31 километар. Рокот на отплата е 15 години со грејс-период од четири години и каматна стапка од 1,7 отсто. Градбата на делницата се очекува да почне во првиот квартал од 2013 година, а работите на терен да завршат за три до четири години. Бидејќи договорот е изгласан во Парламентот, тендерот за изградба треба да се објави во септември.
По оваа седница, пратениците заминаа на одмор. На работа се враќаат на 21-ви август.