Во село Кадино во Општина Илинден денеска свечено ќе биде отворена фабрика за производство на работна и заштитна облека „ВПТЕКС Македонија“ на холандската фирма Van Puijenbroek Textiel.
Van Puijenbroek Textiel има лидерска улога на меѓународниот пазар за професионална индустриска и заштитна облека од висококвалитетни материјали со традиција долга речиси 150 години.
Холандската компанија почна да ја реализира својата инвестиција во Македонија, вредна два милиони евра, во септември 2012 кога беше поставен камен-темелникот во присуство на премиерот Никола Груевски и членови на Владата.
„ВПТЕКС Македонија“ има 50 вработени, а нивниот број ќе биде зголемен на сто од 1 ноември со воведување втора производствена линија. Во првиот квартал на 2014 година ќе следува и трета линија.
– Мисијата на овој производствен капацитет на ВПТЕКС е да им излезе во пресрет и да ги задоволи очекувањата и желбите на купувачите со систем на брза реакција и одговор. Исто така планираме да развиеме систем на продажба со рентирање и перење на работната облека, соопшти инвеститорот.