Преку процес на рекомпонирање, реструктуирање, реновирање и воведување на нови процеси за работа, за производство или извршување на друг вид на дејност по принципот „браунфилд“, околу 400 индустриски локации низ Македонија ќе придонесат за побрз развој на општините, најави министерот за економија Ваљон Срачини, при денешната посета на Гостивар.
Заедно со неговиот домаќин, градоначалникот Невзат Бејта, министерот Сарачини го посети објектот на АДГ Маврово во стечај, како една од четирите локациите во општината, наменети за привлекување на т.н. „браунфилд“ инвестиции, кои што се во сопственост на разни субјекти од државата. За оваа локација, нагласи, веќе имало заинтересирани и конкурирале.
– Броаунфилд инвестициите се нов модел кон кој Владата работи за привлекување на инвестиции. Станува збор за индустриско земјиште, кое е сега слободно, не се користи, но има потенцијал да биде повторно развиено за нови потреби, изјави Сарачини и додаде дека во иднина на овој начин на деловните субјекти кои би сакале да отпочнат или прошират дел од бизнисот, им се отвара уште една можност која што Владата ја нуди.
Градоначалникот Бејта, по завршување на средбата се заблагодари на соработката за овој вид проекти, кои, како што рече, ќе придонесат и за разубавување на општините.
– Како локална самоуправа ние целосно ќе ја поддржиме оваа иницијатива. Оживувањето на старите неискористени објекти кои подолго време не се во употреба, ќе придонесе за пообрз економски развој и за нови вработувања, рече Бејта.
Министерот Сарачини информираше дека веќе е изготвена програма и регистар со кои се опфатени објекти со површина од 1,7 милиони метри квадратни, а вкупниот број на површини наменети за ваков тип инвестиции изнесува околу 4,7 милиони метри квадратни.