Фудбалскиот сојуз на Турција денеска ја преполови суспензијата на тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо на два натпревари и ја намали казната, откако беше прифатена жалбата на клубот од Истанбул.
Мурињо е суспендиран на два натпревари, а откако го пропушти дуелот од Купот против Газиантеп, нема да го води тимот ниту во недела на шампионатот против Анталијаспор. Намалена е и казната, па наместо 44.000 долари ќе треба да плати нешто повеќе од 15.000.
Фудбалскиот сојуз на Турција го суспендираше Мурињо на четири натпревари и 44.000 долари поради неговите коментари за судиите по ремито 0-0 со големиот ривал Галатасарај во турската лига во понеделникот.
Галатасарај го обвини Мурињо за расизам по натпреварот, додека Фенербахче изјави дека изјавите на 62-годишниот португалски тренер се извадени од контекст.
Мурињо по натпреварот изјави дека ја поздравува одлуката дуелот да го води странски судија и го пофали Словенецот Славко Винчиќ за неговата „врвна изведба“.
Тој додаде дека по натпреварот отишол во соблекувалната да го види судијата и да му се заблагодари. Кога го виде четвртиот судија, кој е од домашната лига, Мурињо му рече: „Ти да беше судија… ќе беше катастрофа“.
Фенербахче е втор во табелата во турската лига, со шест бода помалку од лидерот Галатасарај.
Мурињо ќе се врати на клупата на Галатасарај на натпреварот против Самсунспор на 16 март.