НУ Народен театар-Битола во 2025 година ќе има 10 премиерни претстави, а Министерството за култура и туризам ќе финансира четири проекти, најави Васко Мавровски, директор на битолскиот театар.
На прес – конференција што се одржа на новата сцена на театарот, Мавровски ги претстави актерите и авторот на текстот за првата годинешна премиера „Жиголо“ која ќе се одигра на новата сцена во таа национална установа.
-Пиесата „Жиголо“ е драма, комедија која го поставува прашањето за тоа за што се сме подготвени за да направиме за љубовта, дали постојат граници и дали сме подготвени да границите да ги преминеме, изјави Игор Кузмановски, автор на текстот за претставата „Жиголо“.
Во сабота навечер, пред битолската публика ќе настапат актерите Марјан Георгиевски, Марија Стефановска, Маја Андновска Илијевски, Никола Пројчевски и Соња Михајлова, кои според режисерот Благој Мицевски подготвија проект кој освен во Битола ќе се игра и во други градови.
-„Жиголо“ е претстава која што покрај текстот е инспирирана од неколку филмови и создава филмска атмосфера. Ако треба со еден збор да кажам за што е оваа претстава, тогаш тоа е претстава за искреноста. Тоа го кажаа и сите актери во претставата и најверојатно искреноста е нешто што толку многу ни недостасува или го посакуваме во животот. Во претставата се занимававме со карактери од видеоигрите и вештачката интелигенција и се надевам дека претставата ќе ја гледа публика од различни генерации, истакна Мицевски.
НУ Народен театар-Битола наскоро ќе промовира монографија посветена на јубилејот 80 години Народен театар-Битола, соопштија на денешната прес конференција во овој град.