Мајчиниот јазик е повеќе од средство за комуникација, тој е темел на нашиот идентитет, чувар на културното наследство и мост кон идните поколенија, истакна министерот за култура Зоран Љутков на денешното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари што се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.
– Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, непрекинат, горделив и непокорен, рече министерот Љутков.
Мајчиниот јазик, како што посочи, е нашиот печат на постоењето и гласот што сведочи за тоа кои сме и што сме биле.
– Преку мајчиниот јазик ја пренесуваме својата приказна на светот, го чуваме духот на народот и го обликуваме нашето место во историјата. Ниту едно друго наследство не е толку интимно и толку моќно како зборот што го носиме во срцата. Затоа, да не дозволиме никогаш да се замолкне. Да го зборуваме гордо, да го чуваме во срцата, да го пишуваме со љубов и почит. Како што еднаш нè учеше Петре М. Андреевски: „Овој јазик е нашиот завет. Со него се раѓаме и умираме, нагласи Љутков.