Албанските власти денеска го уапсија градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, по што премиерот Еди Рама веднаш ги откажа сите средби што требаше да ги одржи во Скадар во текот на денот.
Велиај е уапсен од членови на Националното истражно биро, по наредба на Специјалното обвинителство на Албанија, објавија медиумите во таа земја.
Специјалното обвинителство спроведе истрага против Велиај под обвинение за злоупотреба на службената положба, активна и пасивна корупција, непријавување имот и перење пари, јавија албанските медиуми.
Членови на Националното биро за истраги извршија претреси во повеќе деловни простории поврзани со сопругата и братот на градоначалникот на Тирана.
Премиерот Рама денеска на работниот ручек во Скадар требаше да се сретне со претставници на неговата Социјалистичка партија и градоначалници, а потоа и со претставници на локалниот огранок на социјалистите.
Неколку минути по апсењето на Велиај, Рама ги откажа сите средби и се врати во Тирана.