Груевски: Американските бизнисмени заинтересирани за Македонија

Од:

Американска текстилна компанија е заинтересирана за соработка со македонски компании, а од мај идната година се очекува и првата група туристи од Америка кои ќе ја посетат Македонија.

Ваквите најави вчера беа презентирани во Бостон од страна на претставниците на американските компании кои сакаат да соработуваат со Македонија.

Кети Кутрубес од компанијата „Кутрубес Травел“ изјави дека нејзиниот бизнис проект за туристички посети на американски граѓани во Македонија се одвива добро и е во напредна фаза.

– Работиме на проект од областа на туризмот во соработка со археолошкото друштво на САД, проект кој опфаќа носење туристи за да ги посетуваат туристичките знаменитости. Моментално го развиваме проектот во соработка со „Инвест Македонија“ и се надеваме дека проектот ќе започне во мај и во септември 2014 година. Тоа е еден висок вид на туризам при кој туристите трошат и до 8.000 долари по тура и мислам дека е проект на иднината, истакна Кутрубес.

Сопственичката на текстилната компанија „Блустон“, Бети Џеко ја разгледува опцијата за ангажирање македонски текстилни компании во функција на нејзиниот бизнис.

– Што се однесува до мојата компанија јас сум заинтересирана да обезбедам нови снабдувачи на текстилни производи од Македонија. Всушност ја посетив Македонија и текстилните компании и видов дека се многу професионални, искрени и трудољубиви луѓе, изјави Џеко.

На вчерашниот бизнис форум во Бостон на кој присуствуваше македонската владина делегација беа презентирани поволностите за инвестирање пред 40-тина компании од областа на текстилната индустрија, туризмот, образованието и медицината.

Премиерот Груевски пред бостонските бизнисмени ги истакна најнискиот даночен пакет во Европа кој постои во Македонија, обезбедените пазари од над 600 милиони потрошувачи преку договорите за слободна трговија, поволностите во технолошко-индустриските развојни зони и едуцираната работна сила. Тој ги повика бизнисмените да ја посетат Македонија и да се уверат во презентираните факти и да согледаат дека постои простор за нивни инвестиции и водење профитабилен бизнис.

Тој изрази задоволство од одржаните три бизнис форуми што беа организирани во рамки на посетата на САД.

– Ова беше нашиот трет бизнис форум, овде во Бостон. Можам да кажам дека сите три форуми беа успешни, имавме над сто компании кои присуствуваа на овие форуми, покажаа голем интерес, многу прашања, многу дискусии, со многу од нив имавме и засебни средби, така што имам очекување и постои простор дека со дел од нив ќе ги продолжиме контактите со верба дека со некои од нив ќе успееме да направиме аранжман, односно тие да дојдат во Македонија и да отворат своја компанија и да изградат своја компанија. Тоа е и нашата цел на ова доаѓање, да ги анимираме потенцијалните инвеститори, да дојдат на прво соочување со фактите околу Македонија, а подоцна преку продолжени разговори со нив и дискусии и одговори на многу нивни прашања да успееме дел од нив да ги привлечеме да отворат нови работни места во Република Македонија, изјави Груевски.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изрази очекување дека дел од бостонските бизнисмени сериозно ќе ја разгледаат Македонија како потенцијална дестинација за нивниот бизнис.

– Имавме исклучително успешна презентација на Република Македонија и можностите за инвестирање, овде во Бостон. Голем интерес од страна на бизнисмените од Бостон за поволностите во даночната сфера, за можностите за инвестирање во разни сектори, за тоа дека Македонија е најниско задолжена земја во регионот, за реформите што ги направивме во бизнис климата. Сето тоа ја прави Македонија конкурентна во однос на други земји, ги прави условите подобри за заштеда на трошоци за нив, а за нас за отворање нови работни места. Имаше многу прашања. Очекувам да дојдат во Македонија еден добар дел од нив и да продолжиме со оваа дискусија. Веруваме дека ќе се материјализираат дел од инвестициите во блиска иднина, оцени вицепремиерот Ставрески.

Американските бизнисмени присутни на форумот позитивно ги оценија поволностите кои Македонија им ги овозможува за странските инвеститори, а некои од нив истакнаа дека се во завршна фаза на обезбедување бизнис со македонски компании, или пак бизнис во Република Македонија.

Со бизнис форумот во Бостон заврши економскиот дел од посетата на владината делегација на Соединетите Американски Држави.

Во текот на денешниот ден, премиерот Груевски ќе има обраќање пред Генералното Собрание на Обединетите нации.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции

Мицкоски: Во периодот што следи работиме на три нови инвестиции

Влада: Инвестираме историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините

(ВИДЕО) Мицкоски: Одвоивме 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините

Горан Наумовски

Мицкоски: Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада

Се јави и трет за истата германска инвестиција: Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ