Претседателката на Европската Kомисија, Урсула фон дер Лајен, денеска по разговорот во Прага со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека ЕУ смета на Србија да ја покаже својата посветеност за напредок на избраниот пат кон Унијата.
„Имаме план за раст и договор за одржливи суровини. Народот на Србија ќе има директна корист од ова“, напиша Фон дер Лајен на платформата X, по средбата со Вучиќ на маргините на форумот ГЛОБСЕК во Прага.
Таа напиша дека Брисел смета на Србија „да ја покаже својата посветеност за напредок на патот што го избра, патот кон ЕУ“.
По разговорот со Фон дер Лајен, претседателот Вучиќ изјави дека разговарале за ситуацијата во регионот, европскиот пат на Србија, реализацијата на проектите предвидени во Европскиот план за раст за Западен Балкан, како и за севкупните односи меѓу Србија и ЕУ.
– И се заблагодарив на претседателката на Европската Комисија за нејзиното разбирање и лична посветеност кога станува збор за напредокот на Србија и на целиот Западен Балкан на патот кон ЕУ, особено во областите на забрзување на социјалната и економската интеграција, напиша Вучиќ на Инстаграм.