Во Собранието денеска започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на 12. собраниска седница.
Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет во која беа усвоени два амандмани, по што Владата на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства – за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.
На дневен ред на 12. седница се и повеќе предлог измени и дополнувања на законите од областа на културата, сообраќајот, шумите, ловството, спортот,…, кои треба да се донесат по скратена постапка, како и Предлог-просторниот план на Национален парк Пелистер 2016-2030.
Собранието треба да ги разгледа и предлог-законите за прогласување на Kањонот Матка и на Охридско Езеро за споменици на природат, како и на Студенчишко Блато за Парк на природата.