Протестот поради најавата за отворање на рудникот за литиум и рударската компанија „Рио Тинто“ е закажан за денеска, во 19 часот на Теразије во Белград, во организација на еколошките здруженија од Србија.
Тие здруженија протестот го организираат на денот на истекот на рокот од 40 дена што и го одредиле на српската влада да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Организаторите најавија дека на протестот ќе говорат претседателот на здружението „Не го даваме Јадар“ Златко Кокановиќ, Љиљана Браловиќ од Здружението на еколошки организации на Србија (СЕОС), научниот советник на белградскиот Институт за хемија Драгана Ѓорѓевиќ и актерката Светлана Бојковиќ.