Десет слободни економски зони во соседна Македонија го очекуваат бугарскиот бизнис. Црното Море, пак, станува се поатрактивно за македонските граѓани. Бугарските туристи се трети по бројност кои ја претпочитале Македонија како своја дестинација.
Ова, меѓу другото, во интервју за бугарското списание „Економика“ го истакнува Кирил Пендев, претседател на Надзорниот одбор на Македонско-бугарската стопанска комора, извршен директор и член на Управен одбор на Токуда Банка во Софија и поранешен извршен директор на Балканска Банка, Скопје.
Македонско-бугарската стопанска комора е формирана пред три години. Оттогаш претседател на Надзорниот совет е Пендев, а од март годинава нејзин претседател стана македонскиот бизнисмен Зоре Темелковски. Во Комората учествуваат над 90 фирми. Во последните шест месеци раководството на Комората ги посети градоначалниците и бизнис-заедниците во неколку градови во Македонија – Скопје, Охрид, Штип и Струмица. Во октомври и ноември се планирани такви средби во Благоевград, Ќустендил и Петрич. Целта е да се претстават можностите што ги дава Комората за подобро информирање на бизнис-заедниците во двете земји, за поголема економска соработка, како и за заеднички настап на трети пазари.
Како ги оценувате економските односи меѓу Бугарија и Македонија?
Во 2011 година го постигнавме врвот во стоковната размена меѓу двете земји во износ од 712 милиони евра, а минатата година имаше отстапување за 50 милиони евра. Тоа се должи на економски подобрата 2012 година наспроти минатата. Поради кризата во 2012 година, пак, бугарскиот извоз во Македонија е намален за околу 15 проценти, а вкупната стоковна размена за девет проценти.
Ако за основа ја земеме 2006 година, кога трговската размена изнесуваше 400 милиони евра, значи дека има 50 отсто раст.
Од бугарскиот извоз во Македонија најголем дел отпаѓа на електричната енергија, нафтените деривати и маслата од битуминозни материјали – околу 15 проценти. Следуваат производи како што се кабли, пластични маси и органски соединенија, преработки од дрво вклучувајќи мебел, потоа пченка и сончогледово масло. Од стоките со висок степен на преработка преовладува извозот на медицински инструменти, електро опрема и резервни делови за транспортни средства.
Од Македонија најмногу увезуваме оловни, бакарни и цинковни руди и концентрати кои претставуваат 30 проценти од вкупниот увоз, обработени метали, бакар и алуминиум, градежни материјали, тутун, овошје, зеленчук…. Сакам да подвлечам дека административните пречки за успешен развој на трговската размена меѓу двете земји веќе се минато.
Во кои области бугарските фирми најмногу инвестираат во Македонија?
Ние немаме сознанија колку бугарски инвестиции има во земјата. На прво место ќе го посочам банкарскиот и секторот за осигурување. Тој е претставен од три банки и една компанија за осигурување. Централна кооперативна банка ја купи „Статер Банк“, а пред тоа во неа се споија три македонски банки. Балканска банка „Скопје“ која сега се нарекува Уни банка беше купена од Прва инвестициска банка. Трета помала банка беше купена од „Алфа Финанс Холдинг“ и сега работи како Капитал банка. Тоа се три бугарски од вкупно 17, а ако ги земеме предвид спојувањата пред тоа станува збор за реално пет-шест банки. „Евроинс“ го купи мнозинскиот пакет од македонската компанија за осигурување „Макошпед“. Сите тие претставуваат многу значаен дел во финансискиот сектор на Македонија. Во нив работат околу 1.200 лица. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа светот, а во услови кога невработеноста во поранешната југословенска република надминува 35 отсто, тоа е огромно постигнување.
Кои други бугарски капитални инвестиции би ги издвоиле?
Ние го потценуваме нашето присуство таму, некако се залетуваме во политичките па дури и историските аспекти на нашите односи. Зошто ја пренебрегнуваме (не ја земаме предвид) економијата? Тоа е и целта на Македонско-бугарската стопанска комора која е создадена пред три години.
Би ги посочил придобивките на најголемата Агенцијата „СОТ161“. „Литекс-Бугарија“ го поседува мнозинскиот дел од акциите на единствената фабрика за производство на шеќер која се наоѓа во Битола. „Идеал Шипка“ е друга интересна компанија која воведе технологии за прочуениот бугарски кашкавал Балкан и учествуваше со 45 проценти бугарски капитал и создаде прекрасна фабрика, а подоцна го продаде својот дел на хрватскиот холдинг „Дукат“.
Ги набројувам само големите бугарски инвестиции. Современата фабрика за кабли во Неготино беше купена од фирмата „Мега Ел“ ЕООД од Софија. „Тетекс јарн“ ООД-Тетово, огромен комбинат за производство на волнени предива, се финансира од „Свепол“ АД, кое е мнозински партнер, кредитор и главен доставувач на суровини за македонската фабрика.
Бугарско француското друштво „Доверие Брико“ отвори продавница од синџирот „Мr.Bricolage“. Техномаркет формира свој огранок, „Велдер груп“ има инвестиции во црната металургија во Македонија, а „Приста оил“ има своја дистрибуција и трговија со моторни масла.
Кои се македонските инвестиции кај Бугарија?
Значајна македонска инвестиција во Бугарија е на рафинеријата за масло „Звезда“, на фирмата „Брилијант“.
Туризмот е значајна гранка за економијата и на двете земји
Така е. Во текот на минатата година околу 390 илјади македонски туристи ја посетиле нашата земја што ги прави петти според бројноста. Во исто време, над 337 илјади лица ја избрале Македонија како своја дестинација што претставува раст од 16 отсто споредено со 2011 година. Тоа не става на трето место на туристи кои ја избрале Македонија за патување. И таа бројка постојано расте.
Македонските скијачи претпочитаат да одат во Банско, туристичките агенции многу ги рекламираат Боровец и Пампорово, како и Црното море. На времето туризмот во Грција беше развиван најмногу од посетители од поранешна Југославија особено во одморалиштата во Северна Грција.
Во последните години, нашето Црноморие е многу атрактивно за Македонците. Силниот развој на туризмот кај нас во 2011 и 2012 година се објаснува со укинувањето на визниот режим за македонските граѓани.
Постои ли интерес кај Бугарите да купуваат имот во Македонија?
Немам информации за посебен интерес. Специфика на изградбата на живеалишта во Македонија е дека постои комунална такса која се плаќа при добивање решение за градба. Таа е различна за одделни региони, а највисока е во Скопје и Охрид каде се движи од 25 до 100 евра за метар квадратен. Тоа многу ги поскапува градежните објекти и локации.
Македонскиот амбасадор во Бугарија Благоја Ханџиски на бизнис форум во април во Софија соопшти дека Македонија е на третото место според интересот на бугарскиот бизнис за инвестирање надвор од државата, според анализата на БТПП.
Точно така, за време на бизнис форумот во Софија договоривме неколку важни работи за Бугарија и за Македонија кои ќе ги реализираме заедно со амбасадорите на двете земји, со учество на Бугарско македонската трговска комора и Бугарската агенција за мали и средни претпријатија. Се договоривме и во текот на септември да организираме бизнис форум во Скопје на кој ќе ги претставиме можностите за инвестиции на бугарската бизнис заедница да инвестира во Македонија. Агенцијата за мали и средни претпријатија ќе биде партнер на комората и ќе сподели ноу-хау за развој на мали и средни претпријатија во Македонија. Присуството на амбасадорите на двете земји и на членови на Владата на средбата ќе и даде белег дека бизнисмените можат да работат спокојно и сигурно.
Македонија прави интересни презентации на роуд шоута во други земји на кои го фокусира вниманието кон можностите за правење бизнис во земјата. Оваа форма досега не е практикувана во Бугарија затоа што сме соседни земји. Ете зошто и двете држави сметаме дека можностите за инвестирање во Македонија не се доволно популаризирани кај нас.
Дали ги имате предвид слободните економски зони што ги создаде Македонија?
Во Македонија се создадени десет економски зони од кои активни се две во Скопје, во Штип и Тетово и уште седум се планирани во Прилеп, Гевгелија, Кичево, Струмица, Ранковце, Струга и Радовиш. Економистите подвлекуваат дека поголемиот дел од индустриското производство во следните години ќе се случува во тие зони што ќе има позитивно влијание врз економијата. Инвеститорите во тие зони не плаќаат ДДВ и се ослободени од данок на вкупниот приход и од персонален данок за десет години од моментот на инвестицијата. Покрај тоа странските инвеститори во зоните се целосно ослободени од плаќањето царина од 5 до 20 отсто за увоз на стоки, суровини и опрема. На тој начин тие во пракса дејствуваат како бесцарински зони. Во нив единствено не може да се развива тешка индустрија. Досега во македонските слободни зони свое производство имаат светски познати компании како германската „Дрекселмајер“ која изработува резервни
Какви големи инфраструктурни проекти се реализираат во моментов?
Низ Бугарија минуваат 631 километар патишта од паневропскиот Коридор 8, а изградената железничка пруга во тој дел изнесува 747 километри. Единствениот неизграден бугарски дел е железничката пруга од Гуешево до бугарско-македонската граница која што е во должина од 2,5 километри. За завршување на проектот во Македонија ќе бидат потребни 530 милиони евра. Финансирањето на транспортната инфраструктура ќе биде еден од посериозните проблеми во следниот програмски период, предупредија експертите. До 2020 година планирано е да се изградат магистрали, брзи патишта и железнички пруги вредни осум милијарди евра, а средствата кои се очекуваат од европските фондови нема да изнесуваат повеќе од две милијарди евра. Експертите сметаат дека има ризик од намалување на средствата во однос на оперативната програма транспорт и тоа ќе засегне веројатно две стратешки траси не само за Бугарија туку и за регионот – изградбата на железничките линии Видин-Софија и Радомир-Гуешево.
Во август ќе започне да се работи на железничката линија до Куманово. Изградбата во македонскиот дел на делот Куманово-Белјаковце и Белјаковце-Гуешево ќе чини 44 милиони евра. Следниот дел до Крива Паланка кој што е предвиден да се реализира до 2015 година ќе чини околу 90 милиони евра, а третиот и најтешкиот до границата се проценува дека ќе чини над 100 милиони евра. Тој вклучува и изградба на тунели.
Комората има интересни бизнис предлози, кои се тие?
Единствениот неизграден бугарски дел е од железничката линија Гуешево до Бугарско-македонската граница во должина од 2,5 километри. Зошто на железничката станица каде што има изградено пруга, но нема да се пропуштаат возови за Македонија до 2021 година не се направи терминал за камиони. Идејата е во Гуешево преку бугарските железници да пристигнуваат од пристаништето Буграс производи кои потоа ќе се товарат на македонски камиони кои ќе ги пренесуваат до Македонија. Растојанието е само 100 километри. Изградбата на таков терминал не е многу сложена работа. Сметам дека може да се реализира ако има политичка волја од двете страни.
Каков е интересот на Македонија?
Клучно пристаниште за Македонија не е Солун, туку Бургас каде што се добредојдени. Тоа стана јасно од времето на ембаргото.
Каков е интересот на бугарската држава?
Ќе се создаде работа за железниците. Само Лукоил да ги користи ќе биде добро. Тоа може да биде и приватна инвестиција. Единствено негативно е што бизнисот ќе е ограничен временски до 2021 година. Но, кога гледам како 20 години се гради железничката линија со Македонија, може да се покаже како многу добра инвестиција. Тоа е нашиот предлог до бизнисмените.
Македонија не треба да се потценува како пазар за бугарските производи. Таа е мал, но сигурен пазар. Додека таму влегуваат мултинационални и големи компании, ние не правиме ништо. Блиску ни е, јазикот и менталитетот ни се слични и не разбирам зошто не ги користиме можностите.
Напорите за подобрување на транспортните врски меѓу двете земји се видливи откако Бугарија го обнови патот од Благоевград до границата со Македонија кон Делчево?
Така е, и сега трасата е многу отповарена. Во текот на зимата многу македонски граѓани кои патуваат за Банско ја претпочитаа таа маршута. Бугарскиот дел од патот е добар, веќе ги нема дупките, а и македонскиот пат е со три ленти. Растојанието од 200 километри до Скопје веќе се поминува многу полесно и побрзо.
Ќе има ли наскоро авионска линија до Скопје?
Од македонска страна веќе е побарано отворање на авио линии меѓу Тирана, Скопје и двете најголеми морски аеродроми во Бугарија – Бургас и Варна. Се настојува овие авиолинии да профункционираат од средината на мај и најверојатно ќе бидат со четири полетно-слетни точки – Тирана-Скопје-Софија и Бургас. Тоа ќе биде од интерес на сите страни и ќе ја зголеми туристичката и бизнис размената.
Што би издвоиле уште од плановите на Бугарско-македонската трговска комора?
Целта на комората е да обезбеди информации за бизнис можностите во двете земји. Тоа ни е основната работа за што имаме поддршка од амбасадорите на двете земји како и од владите. И бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Петков и македонскиот во Бугарија, Благој Ханџиски работат за развој на билатералната соработка меѓу двете држави.