Грчките власти денеска евакуираа детска болница и дом за стари лица во предградието на јужниот град Патра, откако избувна пожар во областа поради топлото и ветровито време.
Портпаролот на противпожарната служба соопшти дека евакуациите се извршени превентивно и дека се вложени големи напори за гаснење на пожарот. Нема информации дека некој е повреден.
Вкупно евакуирани се дваесетина деца, соопштија здравствените власти, додавајќи дека ниту една куќа не е загрозена од пожарот, кој беснее низ боровата шума на периферијата на градот, кој се наоѓа на околу 200 километри западно од Атина.
Се додава дека пожарот брзо добил огромни размери, но дека поголемиот дел бил изгаснат.
Околу 80 пожарникари со помош на 10 авиони кои фрлаа вода се обидоа да го изгаснат пожарот.
Други пожари денеска беснеат во најмалку три делови на Грција.
Грција секое лето се бори со разорните шумски пожари, а минатата година во нив загинаа повеќе од 20 луѓе.