Овогодинешната евровизиска ѕвезда Марко Пуришиќ од Умаг, чие уметничко име е Бејби Лазања, ќе пристигне на 10 јули на фестивалот „Егзит“ кој се одржува на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.
Со својот моќен гитарски звук и препознатливите движења, како што најавија организаторите, тој ќе го отвори 24-то издание на фестивалот, под слоганот „Ѕвездени деца – Заедно да ги разбудиме нашите сили“.
Тој датум, роденденот на Никола Тесла, познат научник и почесен граѓанин на Нови Сад, беше замислен како нулти ден на „Егзит“, на главната сцена што го носи името на Тесла, а фестивалот потоа продолжува со четиридневни концерти од 11 до 14 јули и придружните програми.
„Многу сме горди што некој од нашите краишта победи меѓу евровизиската публика, особено со рок песна, одлично е да се види дека урбаниот звук добива се повеќе места на Евровизија“, изјави основачот и директор на „Егзит“ Душан Ковачевиќ.
Марко Пуришиќ, како соло уметник се појави пред неполна година, а со учеството во хрватскиот избор за претставник на „Евровизија“ – „Дора“ речиси веднаш цврсто се позиционираше во музичкото милје не само на регионот, но и во светот.