Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, денеска изјави дека Регулативата на Владата на Србија за субвенции за купување исклучиво електрични возила е последица на политиката што ја спроведуваат заедно со министерката за заштита на животната средина Ирена Вујовиќ.
– За разлика од минатите години, годинава ќе субвенционираме само набавка на електрични возила. Оваа одлука е последица на политиката на Владата на Република Србија што ја спроведуваме јас и мојата колешка Ирена Вујовиќ, а која вклучува промоција и поддршка на електричните возила – објави Весиќ на својот Фејсбук профил.
Посочи дека со измените на Законот за планирање и градење е воведена обврска секој четврти паркинг простор во станбени и трет во стопански објекти да има електрични полначи.
– Воведена е обврска сите бензински пумпи на автопати и експресни патишта да имаат по еден полнач за електрични возила на четири точки за полнење – напиша тој.
Дополнително, тој додаде дека на автопатите се поставуваат 16 електрични полначи, а на новоотворените делници ќе бидат поставени уште седум.
– Значи ќе имаме 23 нови електрични полначи над постоечките осум. Минатата недела во ЈП Патишта Србија беше завршен тендер за избор на партнер за поставување на најмалку 80, а најмногу 320 електрични полначи на 16 постоечки места за одмор. Тие ќе бидат вистински зелени оази со соларни панели каде што возачите на електричните автомобили ќе можат не само да ја полнат батеријата на своето возило, туку и да се одморат – изјави Весиќ.
Исто така, оцени дека има многу противници на овие измени, но дека ќе мора да се прилагодат на времето што доаѓа.
– Во наредниот период чекаме да се донесат неколку закони со кои се регулира сообраќајот на патиштата и безбедноста во сообраќајот. Министерството на чело со мене ќе ја застапува тезата дека на електричните возила им требаат таблички во различна боја за да им се даде попуст на овие возила при плаќање патарина, паркирање и други обврски. Србија во наредните години ќе стане земја со најдобра инфраструктура за електрични возила во нашиот регион – нагласи Весиќ.