Антикорупциската организација ФБК, основана од Алексеј Навални, ги објави резултатите од истрагата за познатиот руски пропагандист Владимир Соловјов.
Имено, според сознанијата на ФБК, овој телевизиски и радио водител има тајно семејство со кошаркарката Светлана Абросимова, со која има две деца.
Поранешната спортиста поседува вила од 650 квадратни метри во Сочи вредна 6,25 милиони долари, а податоците за тој имот се отстранети од Rosreestr, официјална руска агенција за катастар и картографија, пишува рускиот независен медиум „The Insider“.
„Можеби Светлана (Абросимова) не е само поранешна кошаркарка, туку и таен агент на ФСБ или ГРУ (Руската воена разузнавачка служба под Главниот штаб на руската армија, т.е. Главната управа за разузнавање) со чин генерал. Можеби е вработена во Министерството за одбрана, а помеѓу водењето на нејзиниот канал на YouTube, тајно командува со дивизија во Донбас. Зошто Светлана Абросимова, која одамна ја заврши кариерата, е толку заштитена од државата? Зошто руската држава буквално ја стави на исто ниво со семејствата на (поранешниот директор на ФСБ, Николај Патрушев и Сергеј Суровикина?“, се вели во еден цитат од истражувањето.
Според истражителите на ФБК, Светлана Абросимова е љубовница на Владимир Соловјов – ТВ водител кој наводно има осум деца од различни бракови. Ова го потврдуваат податоците за заеднички патувања, заеднички посети на лекари и услуги. Абросимова во 2017 година во САД роди две ќерки Марија и Маргарита со патроними „Владимировна“, што значи дека нивниот татко се вика Владимир.
Луѓето родени во САД автоматски добиваат американско државјанство. Имено, и самата Светлана Абросимова има американски пасош, што беше потврдено од истражителите преку базата на податоци за следење летови.
Светлана Абросимова е поранешна руска професионална кошаркарка која во текот на нејзината кариера играше за американски клубови. Таа исто така освои бронзен медал со руската репрезентација на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.
Владимир Соловјов е руски пропагандист кој во последните 11 години е водител на ТВ-шоуто Вечер со Владимир Соловјов на каналот Русија 1. ЕУ воведе санкции против Соловјов на 23 февруари минатата година, еден ден пред почетокот руската инвазија на Украина.