Урош Блажиќ, 21-годишниот убиец, синоќа уби осум лица и рани 14 во бесен поход кај Младеновац, недалеку од Белград.
Мештаните велат дека веќе имале големи проблеми со него.
„Убиваше кучиња во селото, пријавивме, но продолжи да го прави тоа“, велат за Телеграф.рс жители на селото кај Младеновац, каде што живеел Урош Блажиќ.
21-годишникот веќе бил уапсен за кражба, потоа за оружје, но и за шлаканица на полицаец.
Крвавиот поход на убиецот почнал доцна синоќа, кога по расправија во училишниот двор отишол дома да земе автоматска пушка, се вратил и отворил оган кон луѓето кои случајно се нашле таму.
Потоа влегол во автомобилот и пукал во движење. Има индиции дека имал соучесник, но официјалната истрага се уште не го потврдила тоа. По пукањето побегнал, а при бегството отворил и оган кон полицијата.
Потерата по него траела осум часа, селата околу Младеновац биле блокирани, а тој бил уапсен во петокот наутро околу 8 часот во селото Вињиште кај Крагуевац, каде што живеат неговите роднини. Вујкото и дедото на убиецот потоа биле уапсени под сомнение дека му помогнале да се скрие. При бегството тој упаднал во автомобил на таксист и го киднапирал. Таксистот успеал да пријави во полиција дека го видел убиецот.
Откако беше уапсен и прашан зошто убива луѓе, тој велел „омаловажување, омаловажување“.