Во рамките на хепенингот „Заедно да навиваме за Македонија“ за поддршка на македонската кошарска репрезентација, на старото градско пливалиште, се одигра ревијален ватерполо натпревар на ветераните од Охрид и Струга.
На местото, каде како млади ги играа езерските дерби натпревари, ветераните ги собраа старите симпазитери, но и младите надежи.
Резултатот од натпреварот не беше важен, важно беше, по долго време, во водите на Охридското Езеро да се фрли ватерполо топката и да се игра во ритамот на спортскиот адреналин. Ветераните порачаа дека, доколку Охрид и Струга добијат затворени пливачки базени, ќе се создадат услови за враќање на сјајот на водните спортови на Охридското Езеро.
Ветераните беа горди што учествуваа на овој голем хепенинг, кој го организира Општина Охрид, во соработка со охридскиот Црвен крст, ЈП „ Билјанини извори“ и другите општински јавни претпријатија.
Рекоа дека нивните ватерполо голови се специјален подарок за македонската кошарска репрезентација.