Скопска Апелација ја намали казната на експолицаецот Александар Костовски обвинет за трговија со малолетничка и за силување на нејзиниот брат, потврдуваат од второстепниот суд за „А1он“. Откако Костовски во Кривичен суд доби 18 години затвор, Апелација му намали две години и сега е осуден на 16 години затвор.
Од Апелација суд за „А1он“ посочуваат дека ја намалиле казната ценејќи ги олеснувачките околности. Воедно, судиите од Апелација ја отфрлиле жалбата поднесена од обивнителката Наташа Поп-Трајкова, која бараше да му се изрече поголема казна затвор на осудениот. Во овој случај, поранешниот полицаец Костовски призна дека користел сексуални услуги од дете кое не наполнило 14 години и тоа три години со ред. Тој извршил и друго полово дејствие врз братот на девојчето.
„…Отежнувачките околности доведени во корелација со фактот дека обвинетиот не е претходно осудуван и против него не се водат постапки за други кривични дела, коректното однесување што го покажал пред судот и во таа смисла даденото признание за вина за сторените кривични дела, со што изразил свест за противправноста на своите дејствија, како олеснувачки околности ценети во нивната севкупност во однос на тежината на делата за кои обвинетиот е огласен за виновен, упатуваат на заклучокот дека во конкретниот случај целта на казнувањето може да се оствари и со ефективна казна затвор во пократко времетраење“, стои во пресудата.
Според судиите од Апелација, намалувањето на казната на Костовски е според степенот на кривична одговорност.
„Оправдано може да се очекува превентивно да влијае (казната) врз обвинетиот, за во иднина да не врши вакви или сличен вид на кривични дела, како и позитивно да влијае на планот на генералната превенција“, се додава во пресудата до која дојде „А1он“.
Обвинителката Наташа Поп-Трајкова која го водеше целиот случај и ги гонеше поранешниот полицаец, но и мајката Налиље А. која ја продаваше малолетната ќерка, бараше зголемување на казната. Сметаше дека не се правилно ценети отежнувачките околности. Но Апелација и ја одби жалбата.
„Овој суд ги цени како неосновани жалбените наводи истакнати во жалбата на ОЈО-ГОКК по однос на кривичната санкција, а во насока дека судот при одмерување на казната, во недоволна мера ги ценел отежнувачките околности наспроти олеснувачките, и дека, изречената единствена казна во својата висина не е соодветна и не претставува адектватен општествен прекор кон обвинетиот, поради што е потребно построго санкционирање“, посочува Апелација во пресудата.
Жалба на казната од 15 години, има поднесено и Налиље, мајка на силуваните малолетници.
Претходно, песудата во Кривичен суд ја изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова. Таа кажа дека Костовски е виновен за кривичните дела трговија со дете и за силување. Тогаш за трговија со дете каде минимумот беше 12 години, судот утврди 15 години затвор. За силување, каде е предвидена казна од една до 10 години, Гаврилова-Ефремова досуди 10 години. На крајот, изрече 18 години затворска казна.