Ракометната репрезентација на Македонија ги почна подготовките за Светското првенство, кое на почетокот на наредната година ќе се одржи во Полска и Шведска.
Селекторот на националниот тим, Кирил Лазаров, од почетокот на подготовките може да смета на речиси сите играчи. Нешто подоцна на репрезентацијата ќе ѝ се приклучат голманот Никола Митревски и Филип Кузмановски.
„Имаме многу млада и талентирана репрезентација, иако можеби е неискусна за вакви натпреварувања. Имаме доволно време да се подготвиме“, вели Лазаров.
Македонија на мундијалот ќе се натпреварува во групата со Норвешка, Холандија и Аргентина.
„Имаме тешка група. За Норвешка не треба да се трошат зборови, Холандија е во страшен подем, игра модерен и брз ракомет, Аргентина на последното првенство им направи проблеми на многу големи репрезентации. Ќе тргнеме скромно, посакувам да останеме здрави до почетокот на првенството. Самиот пласман на СП е успех, ќе дадеме сè од себе да се пласираме во втората фаза“, рече селекторот.
Репрезентативците за СП ќе се подготвуваат во СЦ „Борис Трајковски“ и во Маврово. Во подготвителниот период Македонија ќе одигра четири натпревари, два против Црна Гора и по еден против Хрватска и Израел.
Извор: Топспорт