Нова измама во Скопје, со истиот концепт како и претходно. Според информации на „А1он“ и зад оваа измама стои ликот кој се претставува како Дејан. Употребен е истиот начин за да се земат парите. Се сѐ случило пред 12 дена, кога измамениот скопајнец бил контактиран за да му се нарачаат угостителски услуги. Случајот е пријавен дури вчера, а откако „А1он“ објави два случаи на измама.
Измамникот договорил средба со скопјанецот-угостител. Требало да се сретнат во угостителски објект во Илинден. А пред да стигне таму, измамникот му се јавил на измамениот и побарал да остави 300 евра на непознато лице, за кои му ветил дека ќе му ги врати веднаш штол пристигне во Илинден. По ова, исто како и останатите, измамениот наместо да договори зделка, останал без пари.
„Како што е пријавено, лицето повторно му се јавило и побарало од него пред да дојде на средбата на друго лице да му даде 18.000 денари за прехранбени производи, а тој ќе му ги дал заедно со парите за договорената услуга. Исто така, според пријавеното, неговиот татко отишол на договореното место и неколку пати телефонски го побарал лицето, но тоа не одговорило, по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Случајот во полиција го пријавил неговиот син, 22-годишен скопјанец. Пријавата во полиција била вчеравечер, а настанот се случил на 23 ноември.
„А1он“ објави како изминативе месеци се прават измами на угостители во Скопје. Лице кое се претставува како Дејан, Дејан Николовски, Дејан од Хуго, доктор Дејан, нарачува угостителски услуги, а потоа, наместо да ги плати, угостителите плаќаат за него. Првиот случај за кој објавивме е од измамен добавувач на пијалаци. Но не е и единствен. Веднаш по овој, „А1он“ дојде и до други сознанија за измамени граѓани, каде што мета биле сопственик на ресторан и девојки најмени за декорација.