Објавувањето на конечниот извештај на Анкетната комисија во кој јасно се гледа дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ се оградиле од правните квалификации, уште повеќе ќе ја компликува состојбата, оценува во разговор за Алсат-М поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.
Во извештајот јасно се гледа дека освен потписите, Илија Димовски и Благородна Дулиќ ставиле забелешки дека не се согласуваат со правните квалификации. Тоа, според Андов, значи дека за извештајот нема целосен консензус и оти ова треба посериозно да се разгледа на денешната координативна средба со претседателот на Собранието, Трајко Велјановски.
Андов дури смета дека ова прашање треба да се разгледа и на лидерска средба.
Поради ваквата ситуација, Андов не очекува да се спроведе извештајот на комисијата, особено делот со правните квалификации, бидејќи малцинството кое се оградило во Анкетната комисија, има мнозинство во Собранието.
Андов вели дека со оградувањето од правните квалификации, ВМРО-ДПМНЕ не признава дека на 24 декември имало уставни прекршувања. Освен Димовски и Дулиќ, ден претходно од правните квалификации се огради и премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.