Почна судењето на помагачите на терористот од Виена, меѓу нив Австриец со албанско потекло од Македонија

Од:

Во Кривичниот суд во Виена денеска започна судењето на шестмина осомничени помагачи на терористот Кујтим Фаизулај, кој на 2 ноември 2020 година во центарот на Виена уби шестмина минувачи, а рани 23 лица.

Обвинетите негираа дека знаеле за планот за терористички напад.

– Убеден сум дека секој од нив знае што се случи на 2 ноември 2020 година. Припадник на Исламската држава изврши терористички напад во име на таа организација и со тоа не само што ги погоди срцата на семејствата и пријателите на жртвите, но сите ние, цела Австрија – рече државниот службен обвинител.

Таа посочи дека обвинетите со години им се познати на властите како поддржувачи на Исламската држава и подвлече дека го поддржуваат тероризмот.

Шест мажи на возраст од 21 до 32 години, како што соопшти обвинителството, директно не учествувале во терористичкиот напад, туку им помагале на терористите.

Тие се товарат за учество во терористички акт со смртен исход, терористичко здружување и формирање криминална организација.

Со нивна помош, како што изјави обвинителот, терористот набавил оружје.

Така, 32-годишниот Чеченец е обвинет дека на терористот, Австриец со албанско потекло од Северна Македонија, му дал автоматско оружје и муниција, како и пиштол.

Само неколку часа пред нападот, тој и 28-годишен Авганистанец биле во станот на терористот и присуствувале на последните подготовки, особено на полнење оружје и правење лажен појас-бомба.

Обвинетиот Чечен признал дека набавил оружје, а неговиот адвокат рече дека илегалната трговија со оружје не е симпатична, но и дека тој не е убиец.

Адвокатот тврди дека неговиот клиент не знаел за терористичките намери на Кујтим Фаизулај и дека тој нема никаква врска со исламизмот.

Адвокатите на осомничените префрлија во обвинителството дека имаат само индиции, но нема докази за наводите во обвинителниот акт.

Би можело да ве интересира

Нови детали за нападот во Виена: Видео кое открива соработник на Кујтим Фејзулаи

Катерина Ѓуровски