Десет лица загинаа во два воздушни напади што утринава беа извршени врз Мекеле, главниот град на областа Тиграј во Етиопија, изјави директорот на централната градска болница Кибром Гебреселаси.
Цел на нападот била станбена населба во Мекеле, рече Гебреселаси.
-Неопходно е да се оперираат три повредени лица, а се соочуваме со недостиг на лекови, изјави Гебреселаси за американските медиуми.
Неколку воздушни напади се извршени врз градот Мекеле откако кон крајот на август продолжија борбите меѓу силите на Националниот фронт за ослободување на Тиграј и етиопската Влада, со што заврши периодот на релативна смиреност што почна од крајот на март.
Од избувнувањето на конфликтот во Етиопија, во ноември 2020 година, во борбите меѓу бунтовниците и владините сили се верува дека досега се убиени десетици илјади луѓе, а милиони се раселени во регионите Тиграј, Амхара и Афар.
Извор: МИА