На Маричиќ му е гајле за ЕУ, транспарентноста и законите, кога треба да ги сокрие сметките за „гага кркање“ по кафеани

Од:

Вицепремиерот Бојан Маричиќ стана и главен преговарач во ЕУ, а токму тоа е човекот кој упорно го крши законот и одбива да ги даде сметките кои ги плаќал по кафеани преку сметката на Секретаријатот за европски прашања. Поминаа два месеца од кога „А1он“ уредно побара Маричиќ да ги достави сите сметки. Прашан на прес-конференција, кажа дека не знаел, наводно не му пренеле, ама ќе решел веднаш. Но и 23 дена од ветувањето на Маричиќ дека лично ќе се заложи документите да се достават до „А1он“, нема ништо.

Иако сметките и изводите се од јавен карактер, а законот го обврзува вицепремиерот да ги достави – тој го прекршува и ги крие. Ова своеволно однесување на овој министер доаѓа откако претходно „А1он“ објави дека тој јадел бифтеци, јунешки мускули и пиел висококвалитетни вина со парите од Министерството за правда додека бил прв човек таму.

„А1он“ достави и жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер поради криењето на овие документи. Оттаму донесоа решение со кое им наложуваат на Маричиќ и СЕП да ги достават сите фактури, профактури и сметки платени со државни пари, како и извештаите за сите реализирани ручеци и трошења по хотели и ресторани. Од Агенцијата се обратиле до СЕП, но Маричиќ не ги есапи ниту државните институции.

„Се наложува на имателот на информациите да постапи по барањето, согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Агенцијата со допис преку е-пошта  ја препрати жалбата до имателот на информациите и побара во рок од 7 дена да се произнесе по истата и  да ги достави до Агенцијата сите списи во врска со предметот. Имателот на информации не одговори ниту на дописот од Агенцијата… По разгледување на жалбата беше утврдено дека имателот на информациите не постапил согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно во законски рок не ги доставил бараните информации“, стои во решението на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер по жалбата од „А1он“.

Во Европската Унија, со која Маричиќ треба да преговара за членството на Македонија, од исклучително значење и важност е транспарентноста на институциите. Начелото на транспарентност е предвидено во членовите 1 и 10 од Договорот за Европската Унија и во членот 15 став 1 од Договорот за функционирањето на ЕУ. Затоа, „А1он“ ќе ги извести надлежните во Брисел со каков човек преговараат, за неговото одбивање да ги даде сметките за потрошени пари и ќе праша дали е соодветно тој да го води овој процес, со оглед на стриктните правила во оваа сфера на Европската Унија.

„А1он“ го праша Секторот за односи со јавност на Маричиќ дали е дозволиво главниот преговарач на Македонија во ЕУ да не постапува согласно законите, но и заложбите на Унијата. Притоа, прашавме и дали овој сектор во СЕП има задача да ги игнорира сите прашања поврзани со гоштавањата на Маричиќ на државна сметка. На прашањата, до овој момент, како и претходно така и сега – не одговорија, со надеж дека темата ќе биде заборавена, а ние ќе се умориме.

Пред 23 дена Маричиќ убедуваше дека документите кои ги бара „А1он“ не се испратени до нашата редакција поради административна грешка.

„Не бев во тек дека сте доставиле барање до сега, меѓутоа сигурен сум дека не е одговорено поради некоја административна грешка, ве уверувам дека уште денеска, по оваа прес-конференција, ќе се заинтересирам и ќе се заложам да добиете информации за сè што сте побарале“, одговори Маричиќ на прес-конференција.

„А1он“ нема да се откаже да ги добие сите побарани сметки, од кои сакаме да направиме увид каде, како и колку потрошил вицепремиерот Маричиќ. Со оглед дека Маричиќ не постапува ниту по решението од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, „А1он“ во наредниот период ќе покрене и јавна кампања преку која ќе се инсистира да се добијат документите. Владата исто ќе мора да се изјасни дали го поддржува ваквото своеволно однесување на еден министер.

Би можело да ве интересира

Татко му на Маричиќ порача „једи *овна ти што прашуваш“, вицепремиерот се огради и извини

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Кога Маричиќ се црвенее и манипулира пред евроамбасадорот Гир за бифтеците на државна сметка

Вети и се сокри: Маричиќ ги опишува вкусовите на македонската храна, додека одбива да каже што јадел со државни пари

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Маричиќ бара Тупанчески да го оправда со кого ги јадел бифтеците платени од државна сметка

Кристијан Ландов

Кој манипулира: За да ја намали сумата, Маричиќ си пресмета дека со државни пари јадел 365 дена во годината

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Маричиќ за богатите гозби на државен трошок: Не се согласувам дека тоа е некаков проблем

Кристијан Ландов