Вицепремиерот Бојан Маричиќ на социјалните мрежи пишува за подготовка на храна, разновидни вкусови и вина, но и натаму не одговара на барањата според кој е должен да ги достави сите сметки за гоштевање на државна сметка. Тој и неговиот ПР тим ги игнорираат пораките од „А1он“, за тоа во кој рок планираат да ги достават документите кои треба да покажат колку пари од буџетот се потрошени на јадење и пиење, но и што најчесто се нарачува по кафеани и ресторани од страна на Маричиќ.
Барањата кои ги испрати „А1он“ се однесуваат на неговите трошења во Секретаријатот за европски прашања, а откако објавивме дека додека бил министер во Министерството за правда се јаделе бифтеци, калифорниски пастрмки, јунешки мускули, а се пиеле и висококвалитетни вина.
Во четвртокот, „А1он“ испрати порака до помошниците на Маричиќ задолжени за односи со јавност во кои праша: „Дали ќе се испратат бараните информации од јавен карактер и ако да, кога?“. И по четири дена, оттаму има само молк.
Од денот кога е испратена пораката, до денеска, Бојан Маричиќ пишува за храна, но не за таа што ја јадел по угостителски објекти на државна сметка. Тој во објава, поставена на „Фејсбук“ во саботата, објаснува со што се карактеризира македонската кујна.
„Подготовката на храна е посебен дел од традицијата и културата на секоја земја, а некои од јадењата и посебните вкусови може да се вкусат единствено кај нас.
Македонската традиционална трпеза се карактеризира со разновидни вкусови, создадени со мешање на влијанијата на различните народи, што им дава препознатлив белег на јадењата што се готват во срцето на Балканот“, пишува Маричиќ во дел од објавата, промовирајќи саем на вино и храна.
И вчера, односно во недела, Маричиќ и неговиот ПР тим биле активни на социјалните мрежи, кога пишуваа за вина.
„Виното е еден од нашите најважни стратешки производи и втор најизвезуван во Европската Унија, која е најзначаен партнер во трговијата со земјоделско-прехранбени производи на Северна Македонија“, напишал Маричиќ на „Фејсбук“.
Пред 12 дена, Маричиќ убедуваше дека барањата не се одговорени поради административна грешка.
„Не бев во тек дека сте доставиле барање до сега, меѓутоа, сигурен сум дека не е одговорено поради некоја административна грешка, ве уверувам дека уште денеска по оваа прес-конференција, ќе се заинтересирам и ќе се заложам да добиете информации за се што сте побарале“, одговори Маричиќ.
„А1он“ денеска го праша ПР секторот на вицепремиерот, дали неодговарањето на барањата да ги достават фактурите и сметките е тактика да ги сокријат информациите, како и дали молкот на прашањата е тактика јавноста да заборави на трошењата со потпис од Маричиќ. Тие не одговорија ниту на овие прашања.
Секретаријатот за европски прашања односно вицепремиерот Маричиќ е должен да ги даде фактурите кои се побарани од гоштевања по угостителски објекти. За ова, според Законот за информации од јавен карактер, има рок од 30 дена. Од испраќањето на барањето до сега се поминати скоро еден месец и три недели, и со тоа, рокот е пробиен.
„А1он“ нема намера да се откаже од добивањето на овие информации, а доколку Маричиќ упорно и натаму продолжи да го крши законот, ќе се искористат и други механизми.