На годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал од 11-ти до 14-ти август ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови. Првата вечер традиционално е резервирана за селекција на филмови од најголемите фестивали за анимиран филм, а годинава ќе биде прикажано најдоброто од двата најголеми светски фестивали, Анеси (Франција) и Анимафест (Хрватска).
Во следните три вечери ќе бидат прикажани филмовите од главната селекција, студентската, селекцијата на анимиран документарен филм и селекција на анимирани музички спотови. Од пријавените повеќе од илјада наслови, сите селектирани филмови ги менуваат правилата на игра и ги поместуваат границите на медиумот анимација, носат новитет и во тематска и во технолошка смисла: визуелна иновативност, силна приказна која обработува некоја современа тема, остра социјална критика, софистициран хумор, експериментирање со формата и содржината итн.
И годинава ќе бидат прикажани најдобрите европски наслови кои во изминатиот период ги освоија најважните награди на светските фестивали: во главната селекција на словенечката режисерка Шпела Чадеж – Steakhouse, на хрватската режисерка Луција Бужанчиќ – Saturation, англискиот Hide на Данел Греј, во селекцијата на анимирани документарци The Garbage Man на португалката Лаура Гонсалвес и My father’s damn camera на српскиот режисер Милош Томиќ, студентските Slouch и Toothless и македонскиот Torch од младиот автор Калин Маловски. Во селекцијата пак на анимирани музички спотови, меѓу останатите, ќе прикажеме анимации од двајца македонски автори: Никола Дрвошанов и Филип Митров.
За најдобрите филмови ќе одлучуваат две жирија. Во жирито на главната и селекцијата на анимирани музички видеа членови се Себастијан Сперер, селекторот на фестивалот Анеси, Даниел Шуљиќ, уметничкиот директор на Анимафест, кој ќе ја претстави монографијата по повод 50 години од фестивалот и Олга Бобровска, професорка по историја на анимиран филм во Краков и директорка на фестивалот Стоптрик.
Во жирито на анимирани документарци и студентски филмови членови се Педро Риверо, професор по сценарио за анимиран филм и директор на фестивалот Анимаком во Билбао, кој ќе одржи работилница Storytelling for Animation, Петрула Велјановска, програмски координатор на фестивалот за документарен филм Македокс и Милан Милосављевиќ, директор на фестивалот Балканима во Белград, кој ќе ја промовира книгата со есеи за анимиран филм The Last Turn at Albuquerque.
Промоција на книга од областа на теоријата на анимираниот филм ќе има и полскиот теоретичар Михал Бобровски и авторот на анимиран филм Иван Ивановски, промоција на книгата „До празнината и назад“, проследена со изложба. Во соработка со организацијата Еко Свест, ќе биде одржана тематска работилница за анимиран филм во техника стоп-анимација и изработка на флип бук тетратки со учениците од средното уметничко училиште Лазар Личеноски.