Се бараат условни осуди и поблаги казни за сите обвинети кои признаа вина за нередите пред Собрание

Од:

Сите адвокати на седумте обвинети кои признаа вина за инцидентите пред Собранието, побараа поблаги казни и условни осуди. Според нив, со ваква пресуда ќе се превенира тие во иднина да не прават други кривични дела. Потенцираа дека станува збор за млади лица, најголем дел на 18 и 19 години.

Адвокатот на Томислав Сарковски, бранител на Младен Ристовски и Иван Јосифовски, побара полесна казна.

„Тој е млад, треба да основа семејство, неговата мајка е корисник на инвалидска пензија и е зависна од помош на друго лице, најчесто од сега обвинениот Младен затоа што неговиот татко , работи како шофер на автобус на меѓународни линии и е отсутен. За неговата мајка се грижи само Младен. Тој кажа дека се кае и дека нема да праив нови кривични дела. Да му се изрече полесна казна. Иван Јосифовски го призна кривичното дело, тој од септември започнува четврта година средно образование, не е криминогена личност, тој се кае. Предлагам да се изрече условна осуда. Славчо Симоновски кој е исто така го призна делото за кое се гони, барам судот да изрече казна“, кажа адвокатот Сарковски.

И обвинетиот Младен Ристовски кажа: „Криво ми е, се каам, ветувам дека нема да се повтори делото. Свесен сум за грешката што ја направив. Жалам што дојде до сето ова“.

„Се каам премногу за стореното. Не ми паѓа на памет вакво нешто да повторам, а нема да дозволам да им се случи и на другите околу мене“, потенцираше и обвинетиот Иван Јосфовски.

Симон Попески, адвокат на Бојан Стефановски и Штефан Шума потенцираше дека длабокото каење е доволен доказ дека нема одново да сторат кривично дело. Бараше казна под законскиот минимум.

„Бојан Стефановски и Штефан Шума го признаа делото, искажаа и длабоко каење за стореното. Начинот на кој што овие овинети го сториле делото, а имајќи во предвид фактот дека станува збор за млади лица кои пред неполни три месеци наполниле 18 години и биле понесени од самата еуфорија и ситуација, а немале намера да одат на протест туку да седат во центарот на градот. Стефановски е ученик во гимназија каде треба да започне четврта година. Тој не е кримогена личност. Шума е исто така млада личност со 18 години, во фаза на запишување во високо образование, а неосудуван, не бил во судир со закон, оттука судот може да утврди дека и овој обвинет не е криминогена. Двајцата искажаа големо каење. Сметаме дека со казна под законски минимум би се постигнала целта на казнувањето и би се влијаело на овие млади лица да во иднина не се јават како сторители на нови кривични дела“, потенцираше Попески.

Обвинетиот Бојан Стефановски исто така се каеше што го сторил делото: „Ветувам дека нема да го повторам“.

„Не бевме при себе кога го правевме тоа, не знам како да го кажам тоа. Нема да го повторам тоа. Ме поведе масата“, кажа обвинетиот Шума.

Славчо Симоновски, единствениот кој е во ефективен притвор во затворот „Скопје“ во Шутка кажа дека се кае: „Нема да ми се повтори“.

Бранителот Љупчо Веселиновски на обвинетиот Никола Михаиловски, се заблагодари најпрво што не му бил одреден ефективен притвор, туку куќен притвор. Смета дека условна казна ќе ја постигне целта да се превенира Михаиловски да не го повтори делото.

„Нема да се повторувам со колегите, бидејќи суштината на мојата одбрана би била слична или иста. Сакам да изразам благодарност спрема судот за водењето на истражната постапка бидејќи разбрано и разумно, овие млади луѓе кои првпат доаѓаат во судир со законот, не го почуствуваа мирисот на притворот, туку беше изречена мерка куќен притвор. Околностите за сите обвинети укажуваат на тоа дека при одредувањето на видот на казната. Со признавањето на вината ја сфати својата грешка за тоа што го направил. Применувајќи го институтот ублажување на казната, целта на казнување ќе се постигне и со условна осуда.

И обвинетиот Михаиловски посочи: „Се каам криво ми е, нема да се повтори истата грешка“.

Иванка Јакимовска, која е адвокат на обвинет Виктор Стојков посочи: „Тој само што направил 18 години, се нашол на погрешно место и погрешно време. Ова е важно бидејќи самиот факт што некој е полнолетен, не значи дека е зрела личност и да го сфати значењето на делото, а најмалку пак, последиците од истото. Се работи за кривично дело кое е од областа на делата против јавниот ред и каде што учеството во толпа и самото присуство во истата е несакано приближување на маса и носење во правец, а јас би рекла секогаш против волјата на обвинетиот. Ова е важно бидејќи обвинетиот Виктор со другите обвинети, тргнале да пијат кафе и се нашле во толпата, па секој на свој начин реагирал. За Виктор Стојков барам поблага казна. Целта на казнувањето е да се влијае да не се повтори делото, опомената ќе допридонесе за тоа“.

Обвинетиот 18-годишен Стојков кажа: „Направив грешка како и сите нормални луѓе, која никогаш нема да ја повторам. Моето каење е големо исто како и грижата на совест“.

Обвинителката Наташа Сарамандова која ги гони обвинетите за учество во толпа, побаара од судот да им изрече казна со која би била постигната целта на казнувањето.

„Со оглед дека обвинетите ја признаа вината, предлагам истите да бидат огласени за виновни за кривичното дело кое им се става на товар со ова обвниение и да бидат осудени согласно закон. При одредување на видот и одмерување на висината на казната за секој од обвинетите пооделно, судот да ги има во предвид олеснителните и отежителните околности, кои стојат на нивна страна, па да им изрече казна со која би биле постигнати целите на казнувањето, во поглед на генералната превенција“, кажа Сарамандова.

Седдумината кои се гонат за учество во толпа признаа вина.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Условни казни за сите кои признаа вина, а учествуваа во инцидентите пред Собранието

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Седуммина признаа вина за инцидентите пред Собрание, тројца од нив имат по 18 години

Кристијан Ландов