Во мултифункционалната индустриска зона Чојлија денеска беше поставен камен темелник за изградба на нов логистички центар, инвестиција на компанијата „Глобекс“ ДОО Скопје.
Во логистичкиот центар ќе бидат инвестирани милион евра и за почеток ќе бидат отворени 30 нови работни места, најави по поставувањето на камен темелникот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Објектот, што се гради на површина од 7.000 метри квадратни, треба да биде завршен во првиот квартал следната година.
– Инвестицијата дополнително ќе придонесе за општина Петровец и за Република Македонија. Предвидени се 30 вработувања во првата фаза, а вкупниот број на вработени што се планираат е 360, изјави Јанакиески.
Според него, Владата во соработка со општините постојано презема активности за урбанизирање на што повеќе парцели за изградба на индустриски центри и да им се излезе во пресрет на компанииите со поволни цени и услуги. Така, нагласи, ќе се изградат нови капацитети, а крајната цел е што повеќе нови работни места.
Во индустриската зона Чојлија досега се продадени 65 парцели, а според Јанакиески, за дел од планираните активности наскоро ќе бидат поставени камен темелници.
– Очекуваме уште неколку камен темелници во текот на оваа година, а најмногу во 2014. Воспоставивме специјален софтвер со кој во соработка со општините го следиме исполнувањето на роковите за предвидената изградба и очекуваме многу бргу за две до три години ова да стане вистинско градилиште и индустриска зона во која ќе работат илјадници луѓе не само од општина Петровец, туку и од околните, рече Јанакиески.