Ниту Министерството за финансии ниту Владата не дава објаснување на кој начин е дозволена приватизација на државно земјиште спроти поранешната НИП „Нова Македонија“ за седум евра од квадрат за изградба на објекти што не се од јавен интерес, туку исклучиво во интерес на Друштвото за градежништво, инженеринг, трговија и услуги „ЗСФ-ком“. „Само прашај“ вчера објави документи што покажуваат дека компанијата „ЗСФ-ком“ за 438 денари, односно седум евра за квадрат, направила приватизација на 663 квадратни метри државно земјиште. Претходно, на соседната парцела, истата компанија, сопственост на бизнисменот Фатмир Етеми, платила легализација на дивоградба. Врз основа на легализацијата Министерството за финансии дозволило приватизација на соседната парцела, и со тоа помогнало бизнисменот Етеми да стане сопственик на две парцели спроти поранешната „Нова Македонија“. Приватизацијата претставена како скандалозна, денес беше тема на партиски престрелки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но официјалните институции молчеа.
Од Владата не одговорија на прашањата од „А1он“ зошто толерираат министри што го раскрчмуваат државниот имот за објекти што не се од јавен интерес, дали за Владата е прифатлива цената од седум евра за квадрат за приватизацијата на конкретното земјиште во центарот на Скопје и дали ќе дадат отчет за начинот на кој е направена приватизацијата.
Објаснување за начинот на кој е направена приватизацијата не добивме ниту од министерот за финансии, Фатмир Бесими. Неговата служба за односи со јавност не одговори на прашањата од „А1он“.
Додека премиерот и министерот за финансии молчат за приватизацијата, во Општина Центар тече постапка по поднесено барање за измена на детаљниот урбанистички план на барање на бизнисменот Етеми. Тој бара двете парцели, кои сега се сопственост на неговата компанија, да се спојат во една поголема, на која ќе биде дозволено да се изгради петнаесеткатница. Сега на едната парцела е предвидена изградба на хотел со приземје, шест ката и потпокрив, а на другата зграда за домување, која исто како и хотелот има дозволена висина од 24 метри, односно приземје, шест ката и потпокрив.
Од Општина Центар засега не кажуваат дали ќе го прифатат неговото барање.
„Сопственикот на парцелата, ‘ЗСФ-ком’, до Општина Центар има поднесено иницијатива за измена и дополнување на блокот 37 од ДУП-от Ј 07. Иницијативата се наоѓа во постапка во Комисијата за урбанизам на Општина Центар и во моментот не можеме да ви одговориме дали Комисијата ќе одговори на иницијативата позитивно или негативно’, изјавија од Општина Центар за „А1он“.
Ова е единственото барање од „ЗСФ-ком“ во Општината. Од таму велат дека компанијата нема поднесено барање ниту за хотел ниту за зграда спроти поранешната „Нова Македонија“, кои може да ги гради во согласност со важечкиот план.
Бизнисменот Етеми за „А1он“ вели дека нема интерес за градење хотел и зграда до планираниот кружен тек ниту, пак, Општината оти комуналиите за изградба на хотел се минимални. Вели дека бара деловна зграда од 15 ката, но со помала големина во основата. Смета дека нема ништо спорно во приватизацијата и најави дека ќе бара сѐ што законски му следува.
„Приватизацијата ми ја дозволи и одобри Министерството за финансии. Не направив ништо сам за да биде скандалозно. Легализирав дивоградба која се води како дел од истата парцела, тука е основата за приватизацијата. Нема ништо спорно. Јас барам измена на планот и маркичка за деловна зграда од 15 ката, но со помала големина во основата. Не барам ништо незаконски. Доколку не ми одобрат, ќе се повлечам, има каде да градам, надвор од државата, оти овде веќе нема услови за домашните градежници. ‘Лимак’ гради дваесеткатници, но домашните градежници не може глава да кренат од општините и од административните замки“, вели Етеми.
Дводецениското градежно искуство покажа дека онаму каде што Етеми ќе реши да гради, ќе изгради, без оглед со колкав отпор од граѓаните ќе се соочи. Тој во времето кога градоначалник на Чаир беше Аце Миленковски, успеа да издејствува да се нацрта маркичка за хотел во стогодишниот парк и покрај противењето на жителите, а на местото на хотелот подоцна изгради зграда за домување. Компанијата на Етеми ја изгради и зградата пред „Мајчин дом“ во Аеродром. Во 2018 година жителите организираа низа протести, бараа да се избрише маркичката, да се најде начин да се заштити просторот, но зградата се изгради, становите се распродадени. Компанијата на Етеми последниве неколку години изгради неколку згради во Скопје на земјиште откупено од државата.