По повод 110-годинишнината од Илинденското востание и 69 години од првото заседание на АСНОМ, Општинскиот одбор на борците од Гевгелија денеска организираше одбележување на двата настана од македонската историја со положување свежо цвеќе на бистите на Народните херои и првоборците, споменикот на Сава Михајлов и Костурницата на паднатите борци.
Свежо цвеќе положија градоначалникот и членови на општинскиот Совет, претставници на политички партии, здруженија на пензионери и граѓани, како и делегациите на боречката организација.
За значењето на светлите датуми од македонската историја говореше претседателот на гевгелиските борци, Ристо Марковски кој истакна дека со двата Илиндена македонскиот народ јасно ја искажал својата желба да живее во слободна и независна држава.
– Денеска се потсетуваме и им оддаваме почит на херојските визии на сите знаени и незнаени македонци кои ги положија своите животи во остварувањето на главната цел, создавање независна македонска држава. Нека Илинден биде вечен потсетник на нескршливата волја на македонскиот народ, вербата во себе и во својата држава, порача во своето празнично обраќање градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов.