Иванов: Имаме завет од илинденците да ја градиме Македонија како демократска и просперитетна држава

Од:

Денес, на ден Илинден, се потсетуваме на Илинденското востание од 1903-та и на првото заседание на АСНОМ од 1944 година. На денешен ден, Илинден, недалеку од тука, во пазувите на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, беа удрени темелите на македонската држава.

Тоа беше првиот плод на Народно-ослободителната борба на македонскиот народ. Слободата има свој корен, своја почва. Коренот на нашата слобода е тука, во Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето по повод Илинден во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.

Според него, стремежот за слобода и за светлина е семето што го посеаја во поробената македонска почва, почва што ја натопија со сопствената крв. – Од тоа семе се родија плодовите на слободата и светлината. Не случајно и нашата химна започнува со зборовите: „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата!“ Денес, на ден Илинден, кога ја славиме слободата и светлината.

Сонцето и Илинден се македонскиот симбол на слободата. Сонцето што се вее на нашето знаме, што е втиснато на нашиот државен грб, што е опеано во нашата химна, тоа сонце е заветот на слободата. Завет на кој се потсетуваме на секој Илинден. Како што светлината најмногу ја ценат оние што поминале долго време во темнина, така и слободата најискрено ја сакаат оние што биле вековно поробени. По долгата македонска ноќ, што започна со крајот на Самоила, нас најпосле нè огреа сонцето на слободата, рече македонскиот претседател.

Тој потсети на илинденците што пред 110 години, како што рече, ја натопија поробената македонска земја со својата крв.

– Се сеќаваме на борците во Народноослободителната и антифашистичка борба кои го разгореа пламенот, потврдувајќи ја праведноста на македонската кауза. Во тие историски мигови, пред нив имаше само две можности: Или Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе. Нашите херои решително го искористија единственото средство што поробувачите не можеа да им го земат, а тоа е борбата. Вооружената борба за слобода, за правда и човечко достоинство. Она што Бог го дава, никој не може да го одземе, рече Иванов.

Идеалите за кои некогаш се бореа, додаде, денес се реалност за што зборуваат и Крушевскиот манифест и основачките документи на АСНОМ.

– Доволно е да ја погледнеме Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од 2 август 1944 година. Во неа, меѓу другото се вели дека: „Сите граѓани… се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповедание. На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и чесната иницијатива во стопанскиот живот.“ Со оваа декларација се удрени темелите на современата македонска држава, на правата и слободите што денес ги уживаме. Тоа е декларација пишувана од врвни интелектуалци, декларација која зрачи со европски дух, истакна претседателот Иванов.

– По долгата македонска ноќ, со АСНОМ добивме светлина. Но, некои од оние што ни ја донесоа светлината и изгореа. Некои во физичка, некои во духовна смисла. Затоа, денес се потсетуваме и ги славиме сите нив. Се сеќаваме на Ченто и Брашнаров, на Чучков и Аголи, на Пирузе и Шатев, но и на бројни знајни и незајни јунаци и херои, предци на некои од вас кои сте денес тука, рече Иванов.

Обраќајќи се пред присутните на Пелинце праша дали постои поголема љубов од таа да се положи сопствениот живот за ближните, за народот, за татковината, за Македонија? и притоа одговори дека сеќавањата со кои ги овековечуваме и почитта што им ја даваме покажува дека нивните жртви не беа залудни.

Затоа порача дека никогаш не смееме да заборавиме колку жртви беа дадени за да можат, како што рече, нашите синови и ќерки, нашите деца и внуци да зачекорат под знамето на слободата.

Би можело да ве интересира

„Борбата трае“ ќе биде мотото на државната прослава на 2 Август

Сиљановска Давкова во Пелинце ќе го одбележи Илинден, Мицкоски во Крушево, Гаши во Скопје

Денот на Републиката 2 Август неработен за сите граѓани

Горан Наумовски

2.Aвгуст е неработен ден за сите граѓани на Македонија

САД го честитаа празникот Илинден

Ана Ололовска

Реафирмирани вредностите на двата Илиндена, одбележувањето без масовни собири

Ана Ололовска