Минатата 2021 година се покажа како една од најскапите години во историјата на осигурувањето, пред се, поради ураганите и зимските бури во САД, соопшти реосигурителната компанија „Munich Re“, предупредувајќи дека климатските промени ги зголемуваат шансите за екстремни временски настани.
Осигурената штета од природни катастрофи минатата година изнесуваше околу 120 милијарди долари, а поголема беше само во 2017 година кога достигна 146 милијарди долари, поради ураганите Харви, Ирма и Марија.
Тешка година исто така беше и 2011 година, кога имаше серија силни земјотреси во Јапонија и Нов Зеланд и 2005 година кога ураганот Катрина го опустоши Њу Орлеанс.
Проценката на „Munich Re“ е повисока од онаа на „Swiss Ra“, која во декември пресмета дека вкупната осигурена штета во 2021 година изнесува 105 милијарди долари.
Компанијата „Munich Re“ соопшти дека уделот на САД во минатогодишната штета е невообичаено висок поради декемвриското торнадо, ураганот Ајда и зимските бури во Тексас.
-Сликите од природни катастрофи во 2021 година беа вознемирувачки. Истражувањата за климата се повеќе потврдуваат дека шансите за екстремни временски настани се зголемени“, изјави членот на одборот на „Munich Re“, Торстен Јеворек.
Во минатогодишните природни катастрофи загинаа речиси 10.000 лица, речиси на истото ниво како и претходните години. Вкупната штета, вклучувајќи ја и онаа што не била покриена со осигурување, изнесува 280 милијарди долари и е четврта по скалата на материјални последици од уништување.
-Статистиката за катастрофи за 2021 година остава силен впечаток, бидејќи одредени екстремни временски настани спаѓаат во категоријата на оние кои најверојатно ќе станат почести или посериозни поради климатските промени, изјави главниот научник за климата и географија во „Munich Re“, Ернст Рауч.
Многу научници се согласуваат дека временските настани во 2021 година се влошени од климатските промени и дека затоплувањето на атмосферата на Земјата ќе ја влоши ситуацијата во следната деценија и понатаму.
Британските медиуми забележуваат дека во одредени случаи осигурителните компании ги зголемија цените на полисите поради поголемата веројатност од приордна катастрофа, а во некои дури и ги суспендираа осигурителните услуги.