„Северен пол“ и „Мобил фестивал“ дел од декемвриската програма во Кинотека

Од:

Ноемвриската програма на арт-киното на Кинотеката завршува со „Тајните архиви на Скопје: Човек – Лав Стори“, третиот краток филм за „Старо Скопје” на Катерина Габунија и Александар Трајковски, а декемвриската програма ќе започне со „Мобил фестивал“.

„Тајните архиви на Скопје: Човек – Лав Стори“ е во продукција на „Вардар филм“, а во проектот учествуваа граѓаните со нивните снимки на осум милиметарски и супер осум милиметарски филмски ленти стари неколку децении.

-Декемвриската програма, пак, ја започнуваме со Мобил фестивал – Фестивалот на филмови снимени со мобилен телефон. Технологијата се менува, „орудијата“ за снимање и платформите за прикажување исто така, но останува љубопитноста да се сними свој филм. Таа љубопитност веројатно е иста кога се прегледуваат месечните програми на Кинотеката, со желба да се најде „свој“ филм. Па, еве ја понудата за декември, соопштија од Кинотека.

Декемвриската понуда на кинотечната програма го содржи и краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска, што беше селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал 2021, во конкуренција за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Учествуваше на десетина филмски фестивали низ светот. Филмот е сниман на малку подзаборавената супер 16 мм филмска лента, а неговата сторија говори за фрустрирачкото одраснување и сексуалното созревање на една тинејџерка.

Следуваат неколку наслови од регионот и Европа, во кој Македонија има малцинско продукциско учество. На програмата се два наслови од „новиот бран“ на бугарската кинематографија, 18 % СИВО на Виктор Чучков и НАСОКИ на Стефан Комендарев, и два словенечки филмови на необичниот автор Винко Модерндерфер: ИНФЕРНО и ЗАСТОЈ.

Во овој блок филмови спаѓаат и ВИА КАРПАТИЈА во режија на Клара Кочанска и Каспер Бајон – со најпознатиот актер-натуршчик на овие простори Бајрам Северџан – и последниот филм на неодамна починатиот автор Горан Паскаљевиќ, насловен И ПОКРАЈ МАГЛАТА.

Од Кинотеката соопштија дека средината на декември е резервирана за „Недела на полски филм“, веќе традиционална филмска смотра на најдоброто од класичната и современа полска кинематографија.

-Не ја пропуштаме можноста и да ве запознаеме со уште еден интригантен наслов во редовниот термин „Вечер на француски филм“ во избор на Францускиот културен центар, а декември го заокружуваме најновото издание на „Анимакс Скопје фест“ – Фестивал на анимиран филм, се наведува во соопштението на Кинотеката.

Би можело да ве интересира

Бошко Грујоски е нов в.д. директор на Кинотека

Проекција на „Големиот сон“ од Себастијан Гроблер во Кинотека

Документарците на Горан Радовановиќ за Душан Макавеев и Петер Хандке на филмската програма на Кинотека

Недела на албански филм од 21 до 26 октомври во Кинотека

Недела на современ јапонски филм од утре во Кинотека

Наум Локоски

Трет филмски фестивал „Богородичен покров”

Наум Локоски