Британскиот премиер Борис Џонсон на министерски состанок го истакна противењето за гасоводот Северен тек 2, изјави денеска неговиот портпарол.
– Тој го нагласи британското противење на гасоводот Северен тек 2, кој може да ги пренасочи пратките од Украина и може да има значителни безбедносни импликации во регионот, рече тој.
– Тој, исто така, ја повтори својата загриженост за ситуацијата на украинската граница и нагласи дека Обединетото Кралство ќе продолжи да го поддржува територијалниот интегритет на Украина, рече портпаролот.
Гасоводот Северен тек 2 ги поврзува Русија и Германија под вода и беше финансиран од рускиот енергетски гигант Газпром и неговите европски партнери, и покрај противењето на САД и некои европски земји како Украина и Полска.
Гасоводот чека одобрение од германски регулатор за да почне со комерцијална продажба на гас. Германската агенција за мрежни работи денеска привремено го суспендираше процесот на издавање на дозволата бидејќи компанијата што управува со гассот не е согласно германските закони.
Москва посочува дека „Северен тек 2“, кој ќе го удвои капацитетот на Русија за испорака на гас преку Балтикот на 110 милијарди кубни метри, може да биде спас за европскиот пазар за гориво, соочен со недостиг и огромни зголемувања на цените.
Бидејќи „Северен тек 2“ ги заобиколува постоечките транзитни земји како Украина, со тоа ја загрозува нејзината економија која е зависна од транзитните такси.
Џонсон вчера рече дека Британија наскоро ќе мора да избере меѓу потпирањето на руските јаглеводороди и поддршката на Украина, мирот и стабилноста.
– Кога велиме дека го поддржуваме суверенитетот и интегритетот на Украина, тоа не е затоа што сакаме да бидеме против Русија, или затоа што на некој начин сакаме стратешки да ја опколиме или поткопаме таа голема земја, рече Џонсон во говорот објавен од неговиот кабинет.
– Се надеваме дека нашите пријатели можат да препознаат дека наскоро ќе треба да избереме помеѓу потпирањето на руските јаглеводороди преку новите големи нафтоводи и поддршката на Украина, мирот и стабилноста, додаде тој.