Во Општина Крива Паланка се одржува 13. Меѓународен театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ кој беше отворен со свеченост во чест на лауреатот, годинашниот добитник на наградата за особен придонес во театарот и културата, истакнатиот актер Ѓокица Лукаревски.
Наградата ја врачи градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, со што официјално беше отворен фестивалот, кој годинава поради пандемијата со Ковид-19 има скратена програма.
Според Гоце Ристовски, познат театарски критичар и публицист, кој е дел од организацискиот одбор на фестивалот, Ѓокица Лукаревски е единствен меѓу актерите препознатлив по мултиталентираноста и мултислојноста во толкувањето на улогите од различни жанри и по освојување на сцената дури и во драмските паузи.
-Нешто што е особено својствено нему е што како мајстор на играта, на молкот и паузите умее да ја исполни сцената со своето психо-физичко толкување на точката. Лукаревски е мајстор на импровизацијата, рече Ристовски.
За Лукаревски огромна е честа да се добие признанието-лауреат, со кое се вброи во групата великани на македонското глумиште.
-Емоциите што овде ги доживеав за мене се и многу тешки, но и многу благодарни. Вакви зборови за моето актерско творештво досега не сум доживеал. Чест ми е што сум дел од лауреатите на овој театарски фестивал, изјави Лукаревски.
Тој ги почести присутните со интерпретација на „На гробот на Дениција” од Петре М.Андреевски што ја рецитирал на приемниот испит на ФДУ пред неговиот ментор, Илија Џувалековски.
На фестивалската програма што се одржува во Националната установа Центар за култура Крива Паланка по првата претстава одиграна завчера, „Ѕвездено циганско небо” од Театар „Призор”, Белград, утревечер на репертоарот настапува театар провокација од Скопје со претставата „Прво ќе ме земеш, после ќе ме е…”, на 6 октомври настапува Југоарт продукција, Белград со „Што ќе правиме сега”, а фестивалската програма се затвора на 7 октомври со „Партија реми” во продукција на Драмски театар Скопје со Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ во главните улоги.
Претставите почнуваат во 19 часот и 30 минути, а се одржуваат во согласност со мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.