Репрезентацијата на Франција се пласира во финалето на Европското првенство во кошарка за жени кое се одржува во нивната земја.
Французинките во второто полуфинале синоќа ја победија Турција со 57:49 и се реваншираа за поразот во полуфиналната фаза од ЕП пред две години.
На досегашните евро-шампионати Франција има две злата.
Противник на домашната селекција во борбата за шампионската титула ќе бидат кошаркарките на Шпанија кои во првото полуфинале ја поразија Србија со убедливи 88:69.
За Шпанките ова ќе биде трето финале. Имаат едно злато од ЕП 1993 година во Италија кога во завршниот дуел беа подобри од Франција.