Општина Струмица уште еднаш ја потврди својата силна заложба за социјализирање на лицата со посебни потреби како подржувач на проектот „Потикнување на социјална инклузија и инклузивен пазар на трудот“.
На втората јавна дебата што се одржа во хотелот Глигоров, учествуваа претставници на повеќе институции и здруженија, а беше презентиран Акциониот план за вработување на лица со посебни потреби. Овој план треба да придонесе кон зголемување на степенот на нивното вработување и да го помогне нивното задржување на пазарот на трудот, преку одговарање на специфичните потреби и потенцијалите на ранливите групи.
-Ваквите лица не се виновни за состојбата во која се наоѓаат, затоа ние сме овде, а воедно наша должност е да им помогнеме.
Во овој значаен документ се инкорпорирани мошне важни и значајни информации и податоци, добиени од релевантните институции кои треба да придонесат за подигање на свеста на јавноста за поголема отвореност на пазарот на трудот за маргинализираните групи, за поттикнување на свеста на бизнис заедницата дека со вработување на ваквите лица се овозможени и низа предности, а пред се на лицата со посебни потреби ќе им се упати порака да се борат и да ги бараат своите права, изјави Нела Масалковска од одделението за локален економски развој при општина Струмица.
Овој документ ќе биде доставен до официјалниот предлагач на општина Струмица, градоначалникот Зоран Заев, со единствена цел да добие официјален легитимитет од Советот на општина Струмица.