Реми ди Грегорио, член на француската екипа „Кофидис“ и учесник на годинешното издание на „Тур де Франс“, е уапсен денеска во Бург ан Брес од страна на француските безбедносни сили во рамките на истрагата на Централното биро за борба против повредите на природната средина и јавното здравје.
Имено, како што јави дописникот на МИА од Париз, францускиот велосипедист веќе една година е под истрага како осомничен за допинг, додека беше член на екипата „Астана“.
Тимот на „Кофидис“ по вторпат во пет години е изложен на ваква афера, откако во 2007 година еден од нејзините велосипедисти, Кристијан Морени беше позитивен на тестостерон, по што екипата се повлече од трката.
Покрај апсењето на Ди Грегорио, во Марсеј беа уапсени уште две други лица за кои постои сомнеж дека биле поврзани со велосипедистот.
Ова не е прв пат велосипедскиот спорт и „Тур де Франс“ да бидат потресени со допинг афера. Така, неколку досегашни победници на велосипедската трка низ Франција, како Ленс Армстронг и Алберто Контадор, се осомничени или осудени дека се служеле со недозволени средства за да победат на „Тур де Франс“